НОВИ ПРАВИЛА ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ Контролни прегледи за инвалидските пензии, кој нема да се појави може да остане без пари
Предлог-измените предвидуваат најмногу две контролни проверки на инвалидските пензионери до 65 години, нов регистар за работните места со бенефициран стаж и проширување на кругот лица кои можат да добијат семејна пензија.

Нови правила за инвалидските и семејните пензии, задолжителни контролни прегледи за дел од пензионерите и промени кај бенефицираниот стаж – ова се дел од новините што се предвидуваат со подготвените измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Со предложените законски решенија се предвидува и дигитализација на пензиските постапки, ревизија на медицинската документација врз основа на која се одобрени инвалидските пензии, но и можност за привремена исплата на пензија додека се чека конечна одлука.
Една од најзначајните промени се однесува на корисниците на инвалидски пензии, за кои се воведуваат задолжителни контролни прегледи со цел повторно да се утврди дали и понатаму ги исполнуваат условите за користење на ова право.
Според предлогот, првата контролна проверка ќе може да се изврши најрано една година по првично утврдената инвалидност. До навршување на 65 години, контролите ќе можат да се спроведат најмногу двапати. Од оваа обврска ќе бидат изземени одредени заболувања, кои дополнително ќе бидат утврдени со посебен акт.
Особено важно е што предложените измени предвидуваат и последици доколку пензионерот не се појави на задолжителниот преглед или доколку медицинската процена покаже дека повеќе не ги исполнува условите за инвалидска пензија. Во таков случај, правото на пензија ќе престане.
Исплатата ќе продолжи додека трае контролната постапка, но доколку инвалидноста не биде потврдена, исплатата ќе биде запрена.
Предвидена е и ревизија на медицинските наоди и оценки врз основа на кои досега се утврдувала инвалидноста. Оваа задача ќе ја има посебна комисија составена од медицински стручни лица, која ќе ја формира министерот за социјална политика, демографија и млади.
Новина е и можноста за исплата на аконтација на пензија во случаи кога осигуреникот ги исполнува условите за пензионирање, но конечната одлука не може да биде донесена поради нерешено претходно прашање.
Во такви ситуации, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ќе може да донесе привремено решение и да одреди исплата врз основа на податоците со кои располага, наместо граѓаните да чекаат без пензиски примања до завршување на целата постапка.
Истовремено, се предвидува целосна дигитализација на постапките. За секој предмет ќе се формира електронско досие, а документацијата што ќе ја доставуваат граѓаните ќе се скенира и ќе се внесува во електронскиот систем.
Измени се предвидени и во системот на бенефициран стаж, односно работните места на кои стажот на осигурување се пресметува со зголемено траење. Предлогот предвидува формирање петчлена комисија која ќе има задача да ги утврдува и ревидира овие работни места.
Работодавачите и репрезентативните синдикати ќе можат да поднесуваат барања за воведување нови работни места во системот на бенефициран стаж, ревизија на постојните или промена на степенот на зголемување на стажот.
За секое барање ќе треба да се достави соодветен елаборат, а комисијата ќе може и непосредно да ги проверува работните места за да ги оцени условите за работа, изложеноста на професионални ризици и штетни влијанија.
Дополнително, ќе биде воспоставен електронски регистар на работни места со бенефициран стаж, во кој работодавачите ќе треба да ги внесуваат потребните податоци и документацијата за систематизација на работните места.
Предложените измени носат новини и кај семејните пензии, преку проширување на категориите лица кои ќе можат да го остварат ова право. Како нова категорија се предвидуваат лицата кои вршеле родителска должност и биле вклучени во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување.
Тие ќе можат да остварат право на семејна пензија доколку по престанокот на осигурувањето навршиле 50 години, под услов родителската должност да им престанала по наполнување на 45-годишна возраст.
Доколку бидат усвоени, законските измени ќе донесат значајни промени во остварувањето и контролата на пензиските права, особено за корисниците на инвалидски пензии, лицата кои остваруваат право на семејна пензија и работниците чии работни места се опфатени со бенефициран стаж.

