САРА СО МОДРИНКИ НА ЛИЦЕТО ДОЈДЕ ВО СУД, КРИСТИЈАН ГО НЕМАШЕ ВО СУДНИЦАТА Одбраната побара изземање на сите обвинители
Првото рочиште против 31-годишниот Кристијан Корабоски не започна откако одбраната побара изземање на јавните обвинители во Охрид, судиите и претседателот на Основниот суд.

Претепаната 26-годишна Сара Ѓорѓиеска денеска се појави во Основниот суд во Охрид со сè уште видливи модринки на лицето, очекувајќи да започне судскиот процес против Кристијан Корабоски, обвинет за бруталниот напад врз неа. Но, наместо почеток на судењето, следуваше ново одложување.
Обвинетиот 31-годишен Корабоски не се појави во судницата, иако неговите родители и други членови на семејството беа присутни. Според адвокатот на оштетената, Ѓоко Шајн, им било соопштено дека обвинетиот се наоѓа во притворското одделение на судот, наводно од безбедносни причини.
Причина за одложувањето се барањата на одбраната за изземање на јавниот обвинител кој постапува во предметот, сите јавни обвинители од Основното јавно обвинителство во Охрид, судиите, како и претседателот на Основниот суд во Охрид.
Адвокатот Шајн по рочиштето изјави дека барањето за изземање на судиите е одбиено, додека за останатите барања треба да одлучат надлежните повисоки институции.
„Не започна судскиот процес против обвинетиот Кристијан Корабоски. Имаше поднесено барање од одбраната на обвинетиот за изземање на јавниот обвинител кој постапува во овој предмет и сите обвинители на ОЈО Охрид. Имаше и барање за изземање на судиите. Поднесено беше и барање за изземање на претседателот на судот во Охрид. Одбиено е барањето за изземање на судиите“, изјави Шајн.
Тој оцени дека ваквите барања претставуваат обид за одолговлекување на судската постапка и избегнување на одговорноста.
„Сметам дека е поради одолговлекување на постапката и избегнување на одговорноста“, рече адвокатот.
За барањето за изземање на јавниот обвинител треба да одлучи непосредно повисокото јавно обвинителство, по што ќе може да се постапува и по барањето за изземање на останатите обвинители. За барањето за изземање на претседателот на Основниот суд Охрид, Бојан Мартиноски, треба да се произнесе претседателот на Апелациониот суд во Битола.
Шајн реагираше и на отсуството на обвинетиот од судницата, посочувајќи дека оштетената дошла на рочиштето и покрај видливите повреди.
„Оштетената Сара не ја прашаа дали може да биде присутна, ние инсистиравме да биде, бидејќи правда мора да има. Нас ни кажаа дека обвинетиот е во притворското одделение, но не го видов“, изјави тој.
Адвокатот смета дека на следните рочишта Корабоски треба да биде присутен во судницата.
Според обвинителниот предлог на Основното јавно обвинителство Охрид, Корабоски се товари за три кривични дела телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста, сторени при вршење семејно насилство.
Според обвинението, на 15 ноември тој противправно ја ограничил слободата на Сара, физички ја нападнал и ѝ нанел телесни повреди, а со своите постапки ја загрозил и нејзината сигурност.
Обвинителството во текот на истрагата обезбедило повеќе докази, меѓу кои медицинска документација за повредите и видеоснимки поврзани со настаните. Дел од обвинителните наводи се однесуваат и на случувањата во автомобилот, кога Сара, според обвинението, побарала да биде пуштена да излезе, но возилото продолжило да се движи.
За Корабоски претходно е определен 30-дневен притвор поради опасност од бегство и опасност од повторување на кривичните дела. Кривичната одговорност на обвинетиот допрва треба да се утврди во судска постапка.

