ШТО СЕ ДОГОВОРИЛЕ ТРАМП И ПУТИН Американскиот претседател верува дека мирот во Украина е на дофат
Трамп го информирал генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за разговорите со рускиот лидер и порача дека постигнувањето договор за Украина е сосема можно.

Американскиот претседател Доналд Трамп изрази оптимизам дека е можно да се постигне договор за ставање крај на војната во Украина, откривајќи дека за ова прашање разговарал и со рускиот претседател Владимир Путин.
„Искрено верувам дека е сосема можно да се постигне договор за Украина“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“.
Тој потсети дека за време на средбата со Путин во Кина ја изразил надежта дека Русија и Украина би можеле да постигнат договор, и тоа во најкус можен рок. Трамп откри и дека за разговорите со рускиот лидер го информирал генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, со кого се сретнал во својата резиденција Мар-а-Лаго.
„Беше чест да се сретнам со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, синоќа во Мар-а-Лаго. Разговаравме за широк спектар теми и го информирав за моите разговори со претседателот Путин“, објави американскиот претседател.
Но, разговорите не се ограничиле само на Украина. Трамп соопшти дека на Руте му претставил и информации за големиот напредок на американската воена индустрија, вклучително и развојот на ново офанзивно и одбранбено оружје кое сè уште не е претставено пред јавноста и другите држави. Според него, американските одбранбени компании работат на изградба на повеќе од 20 нови производствени објекти, со посебен акцент на системите за противвоздушна и ракетна одбрана „Патриот“ и „ТХААД“, како и на ракетите „Томахавк“.
Трамп нагласи дека САД во моментов произведуваат повеќе воена опрема и муниција отколку кога било досега и најави дека американските воени резерви наскоро ќе бидат дополнително зајакнати. Неговите изјави доаѓаат во период на интензивни геополитички контакти и дипломатски активности околу украинскиот конфликт, при што Вашингтон продолжува да испраќа сигнали дека решение преку преговори е можно.

