100 ПАТИ УАПСЕН, НИТУ ЕДНАШ ВО ЗАТВОР Романски џепчија со децении го надмудрува италијанското правосудство

Само годинава бил уапсен осум пати, но и по последното приведување судот повторно го пуштил на слобода, изрекувајќи му забрана за престој во Венеција.

100 ПАТИ УАПСЕН, НИТУ ЕДНАШ ВО ЗАТВОР Романски џепчија со децении го надмудрува италијанското правосудство
Фото: Принтскрин

Романски државјанин, познат по прекарот „Сбесоета“, повторно е уапсен во Венеција под сомнение за џепна кражба, иако досега зад себе има неверојатни 100 апсења, без ниту еднаш да заврши во затвор. Станува збор за 50-годишниот Васил Веку Мандута, кој живее во Венеција од 1999 година и со децении е познат на италијанската полиција по кражбите на туристи.

Само од почетокот на годинава бил апсен осум пати, секогаш под сомнение за истото кривично дело. Неговиот последен случај повторно ја отвори дебатата за ефикасноста на италијанскиот правосуден систем. Полицијата го привела во близина на железничката станица Санта Лучија, заедно со тројца наводни соучесници, меѓу кои и две жени. Обвинителството побарало затворски казни, но судијата повторно одлучил да не му изрече затворска казна, оценувајќи дека таа би била несразмерна на кривичното дело за кое е обвинет.

Наместо затвор, на Мандута му била изречена забрана за престој во Венеција – мерка што, според досегашното искуство, очигледно не го спречила повторно да се враќа во градот. Од 1999 година, кога се населил во Венеција, романскиот државјанин бил уапсен дури 100 пати, но секогаш успевал да избегне затворска казна. Неговиот прекар „Сбесоета“ го добил поради карактеристичната зашилена брада.

Венеција, град преполн со туристи и една од најпознатите европски туристички дестинации, очигледно со години била неговата омилена цел. И покрај повторените приведувања и забраните за престој, приказната за Мандута продолжува да ја илустрира фрустрацијата на италијанските власти во справувањето со повторените џепни кражби.

CATEGORIES
Share This