ПРОМЕНА ВО ВРХОВНИОТ СУД Африм Фидани избран за нов претседател

Изборот на Африм Фидани го одбележа поделено мислење и сериозни критики за досегашното раководство на Врховниот суд.

ПРОМЕНА ВО ВРХОВНИОТ СУД Африм Фидани избран за нов претседател
Фото: Врховен суд

Африм Фидани е избран за нов претседател на Врховниот суд на Македонија, со осум гласови „за“ и пет „против“, со што ја победи досегашната претседателка Беса Адеми, која доби само два гласа поддршка од вкупно 13 членови на Судскиот совет. Изборот донесе остри дискусии, отворени критики и длабоки поделби во телото кое е клучно за кадровските решенија во правосудниот систем.

Во изминатиот период, Беса Адеми беше под силна критика од дел од членовите на Советот, особено поради, како што беше наведено, игнорирањето на поканите за седници, арогантниот однос и недостигот на активен придонес во унапредувањето на судството. Тања Чачарова Илиевска, членка на изборната комисија, рече дека Адеми била неконструктивна и дистанцирана, а Ивица Стефановски директно ја обвини дека наместо соработка, водела „натпревар“ меѓу двете институции – Врховниот суд и Судскиот совет.

Иако минатата година беше покрената постапка за нејзино разрешување поради недоаѓање на седниците, таа не доби доволна поддршка. Сепак, актуелниот избор резултираше со отфрлање на нејзината кандидатура од поголемиот дел од членовите.

Иако некои членови на Советот, како Антоанета Димовска, го оценија Африм Фидани како неистакнат и недоволно познат во јавноста, тој сепак ја доби потребната поддршка благодарение на претставениот акциски план за подобрување на состојбите во судството. Весна Дамева истакна дека токму неговата програма била причината да му даде доверба.

Исамедин Лимани ја оправда својата одлука со ставот дека не треба да се дозволуваат два последователни мандати на врвот на судството, додавајќи дека Фидани е „кривичар“ кој може да се справи со предизвиците на функцијата.

Неколку членови, вклучувајќи го претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски и Чачарова Илиевска, одлучија да не дадат поддршка на ниту еден кандидат. Истото го направија и судиите Џенета Бејтовиќ и Ивица Стефановски, кои укажаа на сериозни забелешки кон двете кандидатури.

Новиот претседател на Врховниот суд е судија на истиот суд од 2017 година. Правниот факултет го завршил во Приштина во 1989 година. Кариерата му се движела низ образовниот сектор, Државниот инспекторат за труд, општинската администрација и адвокатурата, пред да стане судија во Апелациониот суд Скопје во 2011 година. За него, како што посочи Муљазим Мустафа, „нема слушнато лош збор“ од колегите.

Изборот на Африм Фидани го одбележа поделено мислење и сериозни критики за досегашното раководство на Врховниот суд. Советот очигледно бараше промена и нов пристап, дури и по цена да избере судија кој досега не бил особено експониран. Пред Фидани сега стои предизвикот да ја оправда дадената доверба и да спроведе конкретни промени во највисоката судска инстанца во земјата.

CATEGORIES
Share This