ДЕСЕТ ГОДИНИ ГО СОЗДАВАЛА СВОЈОТ ФИЛМ, А ПРЕМИЕРАТА ЈА ИМАШЕ ВО СКОПЈЕ Отворен Фестивалот на грчки филм

Петтото издание е посветено на жените зад камерата, а програмата носи пет филмски остварувања, меѓу кои и реставрираната мелодрама „Ева“ од 1953 година, дело на првата грчка режисерка.

ДЕСЕТ ГОДИНИ ГО СОЗДАВАЛА СВОЈОТ ФИЛМ, А ПРЕМИЕРАТА ЈА ИМАШЕ ВО СКОПЈЕ Отворен Фестивалот на грчки филм
Фото: Принтскрин

Со фокус на женското филмско творештво и визиите на режисерките, синоќа во Кинотеката на Северна Македонија свечено беше отворено петтото издание на Фестивалот на грчки филм во Скопје. Овогодинешното издание се одржува под мотото „Женски поглед: Филм по нејзина мерка“ и е посветено на жените зад камерата, нивниот креативен придонес и нивното место во грчката кинематографија.

Фестивалската програма опфаќа три долгометражни и два кратки филма од грчки режисерки, преку кои публиката ќе има можност да проследи различни филмски пристапи и авторски визии од пионерските почетоци на грчкиот филм до современото творештво. Посебно внимание на отворањето привлече присуството на грчката режисерка Константина Коѕамани, чиј филм „Длабочината на океанот“ премиерно беше прикажан пред скопската публика.

Коѕамани изрази задоволство што токму нејзиното дело го отвори фестивалот, откривајќи дека филмската приказна има силна лична поврзаност со нејзиниот живот. Таа раскажа дека израснала покрај море, дека нуркањето е една од нејзините големи страсти, а посебна фасцинација има и кон јапонската култура, книжевност и филм. Сите овие лични интереси ги обединила во филмски проект на кој работела цели десет години.

За оние кои ја пропуштија премиерата, планирани се уште две проекции на филмот „Титаник Оушн“.

Фестивалската програма продолжува и вечерва со две остварувања што ја поврзуваат современата грчка кинематографија со нејзините историски почетоци. На програмата се краткиот филм „Летно место“ на Александра Матеу, како и мелодрамата „Ева“ од 1953 година, во режија на Марија Плита – првата жена режисер во историјата на грчкиот филм.

По проекциите ќе се одржи разговор со публиката, кој ќе го води професорката Бети Какламаниду од Универзитетот „Аристотел“ во Солун, вториот истакнат гостин од Грција на фестивалот. Какламаниду има значајна улога во реставрацијата на филмот „Ева“ и повторното откривање на пионерското творештво на Марија Плита, со што се враќа вниманието кон една од најзначајните фигури во историјата на грчката кинематографија.

Организаторите информираат дека влезот за проекциите е бесплатен, но потребна е претходна потврда за присуство преку официјалната веб-страница на фестивалот: thegreekfilmfestivalinskopje.com

CATEGORIES
Share This