НАПРАВЕТЕ ГО УШТЕ ОВА И ЌЕ ПРОДОЛЖИМЕ ПОНАТАМУ Кос со порака до македонската Влада

Кос вели дека билатералните прашања не треба да го блокираат пристапувањето, но признава дека земјите членки ги ставаат сопствените интереси на преговарачката маса.

НАПРАВЕТЕ ГО УШТЕ ОВА И ЌЕ ПРОДОЛЖИМЕ ПОНАТАМУ Кос со порака до македонската Влада
Фото: Принтскрин

Уставните измени остануваат клучниот услов за продолжување на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија. Еврокомесарката за проширување Марта Кос упати нов апел до македонската Влада да ја исполни преземената обврска, оценувајќи дека во моментов постои историска можност за проширување на Унијата.

„Тоа е мојот апел до Владата. Ве молам, направете го ова, спроведете ја вашата обврска и тогаш сум сигурна дека ќе можеме да продолжиме понатаму, во најдобар интерес и на вашите граѓани“, порача Кос.

Во интервју за МИА, еврокомесарката се осврна и на прашањето како Европската Унија може да гарантира дека напредокот на земјите кандидатки ќе се оценува врз основа на спроведените реформи, а не ќе биде засенет од билатералните спорови.

Кос објасни дека пристапниот процес се одвива на две нивоа. Првото е техничко и опфаќа отворање кластери, затворање поглавја и усогласување на националното законодавство со европското. Второто се однесува на политичката динамика во земјите членки. Токму во овој дел, според неа, се појавуваат и интересите на одделни земји членки, кои понекогаш влијаат врз текот на пристапувањето.

„Не сакаме билатералните прашања да се мешаат во пристапниот процес, но факт е дека во текот на процесот, особено во овој втор дел, земјите членки ги изнесуваат своите интереси“, истакна Кос.

Таа додаде дека таквите прашања не се новост и дека, иако не треба да бидат дел од пристапниот процес, во практика понекогаш сепак се на преговарачката маса и мора да се решаваат во духот на добрососедските односи. Еврокомесарката призна дека ја разбира разочараноста на македонските граѓани од долгогодишниот застој во евроинтеграциите. Потсети дека Македонија има кандидатски статус од 2005 година, но дека низ годините се појавиле повеќе пречки на патот кон членството.

Според Кос, поддршката на граѓаните за европската перспектива претставува дополнителна обврска за политичките претставници да испорачаат конкретни резултати. Таа оцени дека проширувањето повторно е високо на европската агенда, особено по руската инвазија врз Украина во 2022 година. Како примери за напредок ги посочи Црна Гора и Албанија, нагласувајќи дека постои можност за забрзување на процесот, доколку земјите кандидати ги исполнуваат преземените обврски.

Покрај уставните измени, Кос ја нагласи и потребата од поефикасна борба против корупцијата, зајакнување на владеењето на правото и подобрување на функционирањето на демократските институции. Во однос на Планот за раст, еврокомесарката ја вброи Македонија меѓу трите најуспешни земји во спроведувањето на предвидените реформи. Сепак, потсети дека европската финансиска поддршка е условена со исполнување на конкретните обврски.

Кос посочи и на економските придобивки што граѓаните можат да ги почувствуваат и пред полноправното членство во ЕУ. Со приклучувањето кон европската платежна област СЕПА, Македонија може да оствари заштеди од околу 60 милиони евра годишно преку намалување на трошоците за финансиските трансфери.

Таа најави и дека се водат преговори за укинување на роаминг-трошоците меѓу Македонија и Европската Унија, изразувајќи надеж дека договор ќе биде постигнат во блиска иднина. Дополнителни можности за домашните компании и институции се отвораат преку европските програми EU4Health и Digital Europe, додека младите продолжуваат да ги користат придобивките од програмата „Еразмус плус“. Од 2021 година, според Кос, биле поддржани близу 40.000 размени во кои учествувале млади од Македонија.

На крајот од интервјуто, еврокомесарката ги повика граѓаните да не ја губат надежта за европската иднина на земјата.

„Не престанувајте да верувате дека членството во ЕУ е можно. Можно е и прозорецот на можности е отворен сега“, порача Марта Кос.

Инаку, Европската комисија во извештајот за 2026 година констатира напредок во спроведувањето на реформската агенда, но уставните измени и натаму ги посочува како неопходен чекор за отворање на првиот преговарачки кластер.

CATEGORIES
TAGS
Share This