КРАЈ НА ДОЛГОТО ЧЕКАЊЕ НА ИТНАТА ПОМОШ Клековски најави големи промени, еве што ќе се менува
Најблиската достапна медицинска екипа ќе оди на интервенција, секој повик ќе биде евидентиран, а Скопје ќе добие самостоен Центар за итна медицинска помош.

Министерот за здравство Сашо Клековски најави реформи кои опфаќаат формирање самостоен Центар за итна медицинска помош во Скопје, воведување национален диспечерски систем, единствени стандарди за процена на итноста на повиците и обновување на возниот парк. Владата веќе ја усвоила информацијата за формирање самостоен Центар за итна медицинска помош во главниот град. Тој ќе има сопствено раководство и буџет, а ќе функционира како пилот-проект, кој доколку се покаже успешен би можел да се примени и во другите градови низ Македонија.
Една од најзначајните промени е воведувањето национални стандарди за тријажа, односно процена на итноста на секој повик. Со однапред утврдени критериуми ќе се одредува приоритетот за интервенција, со што треба да се обезбеди единствен начин на постапување низ целата држава. Предвидено е и воспоставување национален диспечерски центар, преку кој ќе се следат повиците и достапноста на медицинските екипи. На терен ќе биде испраќан најблискиот слободен тим, наместо интервенциите да зависат од досегашниот начин на организација.
Дополнително, секој повик ќе биде евидентиран, вклучително и времето на прием, донесената одлука и критериумите врз основа на кои е постапено. На овој начин ќе може да се следи како функционира системот и дали медицинските екипи навремено реагираат. Клековски информира дека се набавени 100 нови возила за Итната медицинска помош, со што бројот на функционални возила во земјата треба да достигне 200. Дополнителни 50 возила се очекуваат преку ИПА 3 програмата на Европската Унија.
Сепак, обновувањето на возниот парк не го решава проблемот со недостигот од медицински персонал. Напротив, состојбата дополнително загрижува ако се има предвид дека до 2030 година повеќе од 300 вработени во Итната медицинска помош треба да заминат во пензија. Поради тоа, Министерството за здравство разговара со Медицинскиот факултет за воведување нов професионален профил – парамедик. Станува збор за кадар кој би бил посебно обучен за пружање медицинска помош и грижа за пациентите за време на транспортот.
Паралелно со реформите во Итната медицинска помош, се реконструира Ургентниот хируршки центар, а се работи и на оформување Ургентен интернистички центар во рамките на Клиничкиот центар во Скопје. Министерот признава дека остануваат отворени повеќе проблеми, меѓу кои недоволниот број медицински екипи по смена, особено во Скопје, како и потребата од дополнителна помош при транспортот на неподвижни пациенти.
Според Клековски, вистинскиот тест за успешноста на најавените реформи нема да бидат ветувањата и соопштенијата, туку времето што ќе помине од моментот кога граѓанинот ќе се јави на бројот 194 до пристигнувањето на медицинската екипа.

