96 ГОДИНИ КОНТРОЛА ВРЗ СВЕТСКИОТ ФУДБАЛ И БОНУСИ ОД МИЛИОНИ ДОЛАРИ „Гардијан“ открива што планирал Инфантино

Доверливи документи откриваат проект вреден 20 милијарди долари, со можност до пет проценти од акциите да одат во фонд за бонуси на менаџерите.

96 ГОДИНИ КОНТРОЛА ВРЗ СВЕТСКИОТ ФУДБАЛ И БОНУСИ ОД МИЛИОНИ ДОЛАРИ „Гардијан“ открива што планирал Инфантино
Фото: Принтскрин

Неостварениот проект на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, можел да ги стави комерцијалните права на светскиот фудбал под контрола на нова компанија во период до 96 години, а до пет проценти од нејзиниот капитал да бидат наменети за бонуси на менаџментот. Ова го откриваат доверливи документи до кои дошол британскиот весник „Гардијан“.

Проектот наречен „ФИФА Форвард Ентерпрајз“ предвидувал основање посебна комерцијална компанија, на која би ѝ биле префрлени комерцијалните права за настаните на ФИФА. Инвестициски партнер требало да биде компанијата „Трајв Капитал“, а вредноста на проектот првично била проценета на 20 милијарди долари.

Според документите, ФИФА требало да задржи 51 процент од сопственоста, додека договорот предвидувал автоматско обновување на 12-годишните лиценци, сè до максимален период од 96 години.

Особено внимание привлекува предвидениот фонд за стимулација на менаџментот, во кој требало да бидат издвоени до пет проценти од акциите на новата компанија. Според пресметките наведени во документите, тоа можело да донесе бонуси од 50 милиони долари за секоја дополнителна милијарда долари зголемување на вредноста над почетната процена од 20 милијарди долари.

Договорот предвидувал и заштита за инвеститорот: доколку ФИФА се повлече или склучи договор со конкурент, требало да плати отштета од 250 милиони долари. Дополнително, ФИФА немала право една година да преговара со други потенцијални купувачи.

Документите отвораат и прашања за транспарентноста, бидејќи не било предвидено јавно наддавање, а финансискиот оддел на ФИФА не бил директно запознаен со сите услови на трансакцијата.

Од ФИФА ги негираа тврдењата дека Инфантино би имал лична финансиска корист од проектот. Според нивното објаснување, евентуалните бонуси би биле наменети исклучиво за оперативниот менаџерски тим на новата компанија, без можност во нив да учествуваат вработените во ФИФА.

Од организацијата нагласија дека проектот подлежел на одобрување од членките и Советот на ФИФА, а раководството требало да има функции во одборот на директори без дополнителен надомест.

CATEGORIES
Share This