МУ СВРТЕ ГРБ НА ХОЛИВУД Анџелина Џоли продаде имот од 24,75 милиони долари и замина во Азија
По продажбата на вилата за неверојатни 24,75 милиони долари, холивудската ѕвезда сè повеќе време поминува во Азија. Камбоџа има посебно место во нејзиното срце, а веќе најави и голем проект за 2027 година.

Сè повеќе показатели укажуваат дека холивудската актерка Анџелина Џоли размислува за ново поглавје во животот, далеку од Соединетите Американски Држави и холивудскиот начин на живот. Откако во септември го продаде својот луксузен имот во Лос Анџелес за 24,75 милиони долари, се засилија шпекулациите дека актерката планира да се пресели надвор од Америка, пренесува списанието Azra.
Џоли моментално престојува во Камбоџа, земја со која ја поврзуваат повеќе од две децении пријателство, лични спомени и хуманитарна работа. За време на престојот во Камбоџа, актерката се сретнала со верски лидери, а на Врховниот патријарх на будистичкиот ред Моханикај му врачила и подароци. Џоли не ја крие својата поврзаност со оваа азиска земја, нагласувајќи дека нејзините жители и нивната животна сила оставиле длабок впечаток врз неа.
„Ова место и неговите жители беа толку срдечни и отворени кон мене. Не можев да поверувам колку е силен нивниот дух, по сè низ што поминале. Понекогаш доаѓате на некое место и едноставно се чувствувате како дома“, изјавила актерката.
Нејзината приказна со Камбоџа започнала во 2000 година, кога таму го снимала филмот „Лара Крофт: Том Рајдер“. Токму во оваа земја го посвоила и својот најстар син Медокс, по кого подоцна ја именувала фондацијата посветена на зачувување на природата и поддршка на локалните заедници.
Џоли и претходно зборувала за желбата да ја напушти Америка и да води поинаков, номадски начин на живот. Сега, кога сите шест деца што ги има со поранешниот сопруг Бред Пит се возрасни, актерката има поголема слобода да одлучува каде и како ќе го продолжи животот. Пред пристигнувањето во Камбоџа, на 11 ноември престојувала и на Филипините, каде учествувала на панел во рамките на самитот на АСЕАН, посветен на инклузивниот раст.
Дополнителна потврда за нејзината поврзаност со Камбоџа е најавениот проект на нејзиниот креативен колектив „Ателје Џоли“ (Atelier Jolie). Програмата за престој на креативниот колектив треба да започне токму во Камбоџа во 2027 година, во соработка со Фондацијата „Медокс“ (Maddox Foundation) и Центарот „Бофана“ (Bophana Center), основан од режисерот Рити Пан.
Сè укажува дека Анџелина Џоли постепено се оддалечува од светот на Холивуд, насочувајќи се кон нови креативни проекти, хуманитарна работа и земја со која ја поврзуваат некои од најважните моменти во нејзиниот живот. Дали Камбоџа ќе стане нејзиниот нов дом, а Холивуд само дел од минатото? Засега актерката не објавила официјална одлука за трајно преселување.

