ФУДБАЛСКА РОМАНИЈА ВО ТАГА Почина легендарниот Дуду Џорџеску – двапати ја освои Златната копачка на Европа

Легендарниот напаѓач зад себе остави 252 гола во романската прва лига и рекордни настапи за Динамо Букурешт.

ФУДБАЛСКА РОМАНИЈА ВО ТАГА Почина легендарниот Дуду Џорџеску – двапати ја освои Златната копачка на Европа
Фото: Принтскрин

Фудбалска Романија се простува од една од своите најголеми легенди. На 76-годишна возраст почина Дуду Џорџеску, легендарниот голгетер кој двапати ја освои Златната копачка на Европа и остави неизбришлива трага во романскиот фудбал. Џорџеску во последните години живеел во Торонто, а по веста за неговата смрт бројни поранешни соиграчи и фудбалски ривали упатиле пораки со сочувство.

Џорџеску е најдобар стрелец во историјата на романската прва лига со неверојатни 252 погодоци. Најголемиот дел од кариерата ја мина во Динамо Букурешт, за кој постигна 207 гола на 260 натпревари. За романската репрезентација настапи 40 пати и постигна 21 гол.

Неговите најголеми индивидуални успеси беа европските Златни копачки во 1975 и 1977 година, кога зад себе остави голгетери како Дитер Милер, Руд Гелс и Бела Варади.

Особено импресивен е податокот дека постигнал 47 гола во една првенствена сезона – учинок со кој се вбројува меѓу ретките фудбалери во историјата на европскиот фудбал на кои им успеало такво нешто, покрај Лионел Меси и Кристијано Роналдо.

Според канадските медиуми, започната е истрага за утврдување на околностите под кои починал легендарниот романски фудбалер. Неговото заминување претставува голема загуба за романскиот фудбал и за генерациите навивачи кои го паметат како еден од најдобрите голгетери во историјата на земјата.

CATEGORIES
Share This