ХАКЕРСКИ НАПАД ЈА ПОТРЕСЕ ЕВРОПА Замрзнувачи се загревале до 50 степени, фрлена храна, погодени и банки за крв
Сајбер-нападите ги парализирале системите за ладење во супермаркети во шест европски земји, а на удар се нашле и здравствени, енергетски и други критични системи.

Серија мистериозни хакерски напади предизвикале сериозни проблеми во повеќе европски земји, откако системите за ладење во супермаркети биле компромитирани, а температурите во некои замрзнувачи се искачиле до 50 степени Целзиусови. Нападите се случиле на 2 и 3 ноември и не биле последица на технички дефекти, туку на упади во дигиталните системи што управуваат со опремата за ладење.
Погодени биле продавници во Германија, Италија, Холандија, Белгија, Романија и Шведска, кои морале да фрлат големи количества расипано месо и замрзната храна. Напади биле регистрирани и врз неколку банки за крв во Франција, како и слични инциденти во Обединетото Кралство. Европскиот комесар за земјоделство и храна, Кристоф Хансен, го оцени инцидентот како „намерен обид за нарушување на нашиот синџир на снабдување со храна“.
Речиси три недели по инцидентите, ниту една група не презела одговорност, а истражителите сè уште немаат одговор за сторителите и нивните мотиви, објавува „Еуроњуз“. Проблемот, сепак, е многу поширок од нападите врз супермаркетите.
Според здружението на европската дигитална индустрија „DigitalEurope“, во периодот од 18 октомври до 18 ноември биле регистрирани 16 безбедносни инциденти низ Европа. Единаесет биле поврзани со сајбер-напади, а пет со физички инциденти, меѓу кои и два плана за саботажа.
Во Норвешка хакери презеле контрола врз информатичките системи на енергетска компанија, додека во Германија бил парализиран системот на итната медицинска служба во една окружна болница. Во Данска и Германија, пак, биле украдени податоци од компанија која се занимава со изградба на тунели.
Серијата инциденти повторно ја отвори загриженоста за ранливоста на европската критична инфраструктура и опасноста од сајбер-напади врз системи од кои директно зависат снабдувањето со храна, здравствената заштита и енергетската безбедност.

