КРАЈ НА ДВОЈНИТЕ КОНТРОЛИ НА ЌАФАСАН Мицкоски и Рама воведоа нов систем, еве што се менува
Рама со порака „досега бевме контролирај, контролирај, а сега ќе бидеме верувај и контролирај“. Мицкоски очекува истиот модел да се воведе и на другите гранични премини, а придобивки ќе имаат транспортот, туризмот и граѓаните на двете земји.

Побрзо поминување на границата, поедноставни контроли, полесен транспорт и поголема поврзаност меѓу граѓаните на Македонија и Албанија се главните придобивки од воспоставувањето на системот „Едно застанување“ (One Stop Shop) на граничниот премин Ќафасан. Системот беше промовиран на заеднички настан на премиерите Христијан Мицкоски и Еди Рама, кои го истакнаа неговото значење за унапредување на соработката меѓу двете соседни држави.
Албанскиот премиер Еди Рама направи интересна споредба со досегашниот начин на функционирање на граничниот премин, повикувајќи се на албанската поговорка „Верувај, но и контролирај“.
„Ние имаме еден израз на албански јазик, не знам дали вие го имате на македонски: верувај, но и контролирај. Досега на овој граничен премин бевме контролирај, контролирај, но сега ќе бидеме верувај и контролирај“, рече Рама.
Тој оцени дека воспоставувањето на системот е уште еден важен чекор во соработката меѓу двете земји и нивното приближување кон Европската Унија.
Од своја страна, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека преку граничниот премин Ќафасан годишно поминуваат неколку милиони патници, поради што новиот модел на контроли ќе овозможи побрзо, поедноставно и поефикасно движење на патниците и стоката.
Мицкоски изрази очекување системот „Едно застанување“ во иднина да биде воведен и на останатите гранични премини со Албанија, со што дополнително ќе се олеснат комуникацијата и поврзувањето меѓу граѓаните од двете страни на границата.
Тој посебно ги истакна можностите за развој на туризмот и подобро искористување на туристичките потенцијали на двете земји, особено поврзувањето на охридско-струшкиот регион со албанското крајбрежје.
Албанскиот премиер Еди Рама, пак, се осврна и на значењето на заедничките инфраструктурни проекти, особено Коридорот 8, оценувајќи дека тој е важен не само за евроинтеграциите и НАТО, туку и за подобро поврзување и зајакнување на соработката меѓу двете држави.
Во своето обраќање, Мицкоски им го честиташе 22 Ноември – Денот на албанската азбука на припадниците на албанската заедница, нагласувајќи дека празникот има значење и за мултиетничкиот карактер на државата и за зајакнувањето на општествената кохезија.
Тој упати благодарност до министерот за внатрешни работи, членовите на Владата, вработените во Министерството за внатрешни работи, Царинската управа и сите институции кои учествувале во реализацијата на проектот.
Посебна благодарност Мицкоски упати до својот албански колега Еди Рама за личната поддршка и ангажманот во воспоставувањето на новиот систем.
Рама, исто така, им се заблагодари на институциите и вработените кои придонеле за реализацијата на проектот, нагласувајќи дека истиот модел треба да биде применет и на другите гранични премини.

