СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА И ГАШИ СО ПОРАКА ЗА 22 НОЕМВРИ Што порачаа за албанскиот идентитет

Претседателката и претседателот на Собранието упатија пораки по повод 22 Ноември, потсетувајќи на историското значење на Конгресот во Битола од 1908 година и важноста на почитувањето на јазичниот и културниот идентитет.

СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА И ГАШИ СО ПОРАКА ЗА 22 НОЕМВРИ Што порачаа за албанскиот идентитет
Фото: Принтскрин

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Собранието Африм Гаши упатија честитки до припадниците на албанската заедница по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука, нагласувајќи го историското значење на овој датум, како и улогата на албанскиот јазик во зачувувањето на националниот идентитет и културното наследство.

Сиљановска-Давкова во честитката истакнува дека 22 Ноември го надминува значењето на историски јубилеј, бидејќи претставува сведоштво за националната визија и свеста за посебен идентитет, чиј темел е стандардизираната албанска азбука.

„Почитувани сограѓани Албанци, 22 Ноември е датум чие значење ја надминува симболиката на историски јубилеј. Тој е сведоштво за национална визија и свест за посебен идентитет, чиј темел е стандардизираната албанска азбука“, наведува претседателката.

Таа посочува дека јазикот е основен белег на националната посебност и најсилен инструмент за градење и изразување на колективната меморија, духовното наследство и искуството на еден народ.

„Албанскиот јазик, вам Албанците ви овозможи да изразите почит кон претците, но и одговорност кон потомците. Во македонското мултикултурно општество и демократски политички систем, Албанците и албанскиот јазик имаат долга традиција на постоење во уставниот, политичкиот, економскиот, образовниот, научниот, културниот, спортскиот, медиумскиот, забавниот и секојдневниот живот“, наведува Сиљановска-Давкова.

Претседателката нагласува дека заедничка должност е градењето општество во кое единството нема да ги негира различностите, туку ќе ги почитува и ќе ги третира како трајни општествени вредности. Таа посакува празникот да биде не само ден на сеќавање и гордост, туку и поттик за нови образовни, научни и културни достигнувања на албански јазик.

Честитка упати и претседателот на Собранието Африм Гаши, кој потсети дека Конгресот во Битола од 1908 година претставува една од најзначајните пресвртници во албанската историја, особено во развојот на јазикот, образованието и националниот идентитет.

Според Гаши, Битола била местото каде што албанските преродбеници ги обединиле знаењето, визијата и посветеноста за заедничка цел, а нивната одлука претставувала многу повеќе од јазично достигнување – чин на единство и одговорност кон идните генерации.

Тој оценува дека јазикот е отелотворување на идентитетот на еден народ, а за Албанците претставува обединувачка врска, носител на историјата и нераскинлив израз на националното достоинство. Во Македонија, како што наведува, албанскиот јазик е и мост на комуникација, разбирање и соживот.

Гаши посебно ја истакнува заедничката одговорност за гарантирање на еднаквоста, почитувањето на јазичниот и културниот идентитет, правичната застапеност и еднаквите можности за сите граѓани.

„Ова се темелни вредности за изградба на демократска, праведна и инклузивна држава. Нека 22 Ноември ни послужи како потсетник дека почитувањето на јазикот и идентитетот на едни со други е темел на единството и на нашата заедничка иднина“, порача претседателот на Собранието.

CATEGORIES
Share This