РОДИТЕЛИТЕ НА ЗАГИНАТИТЕ ВО ПУЛС Стравуваат од одолговлекување на судскиот процес
Одбраната предложила повеќе од 200 сведоци, што предизвика загриженост кај семејствата на загинатите.

Семејствата на загинатите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ стравуваат дека судскиот процес може дополнително да се одолговлекува поради големиот број сведоци предложени од одбраната. Родителите се незадоволни од текот на судењето и однесувањето на дел од адвокатите на обвинетите, а нивната најголема грижа е кога ќе ја дочекаат правдата за своите најблиски.
Одбраната предложила повеќе од 200 сведоци, иако во меѓувреме дел од предлозите биле повлечени. Според родителите, ваквиот пристап може непотребно да ја продолжи постапката и да го оддалечи донесувањето на судската одлука. На прашањето дали сметаат дека со предлагањето толку голем број сведоци се купува време, родителите одговориле:
„Точно, само за тоа. Се одолговлекува и се разводнува целата ситуација“.
За семејствата, секое ново судско рочиште е дополнително психичко оптоварување. Патувањата од Кочани до Скопје, следењето на сведочењата и повторното соочување со деталите за трагедијата ја продлабочуваат болката со која живеат. Особено реагираат на однесувањето на дел од адвокатите, за кои сметаат дека не покажуваат доволно почит кон семејствата на жртвите.
„Никој не нè прашува како преживуваме секое рочиште, како ни е претходниот ден и како се чувствуваме кога одиме на судење“, велат родителите.
Од друга страна, Александар Наунов оценува дека досегашната динамика на судскиот процес е интензивна, со приближно едно рочиште неделно. Тој изразил надеж дека во наредниот период ќе бидат закажувани и повеќе судски термини.
Семејствата нагласуваат дека не бараат ограничување на правата на обвинетите, туку ефикасно судење во разумен рок и донесување одлука врз основа на доказите. И покрај физичката и психичката исцрпеност, порачуваат дека нема да се откажат од барањето да се утврди одговорноста за трагедијата во која ги загубија своите најблиски.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се случи на 16 март 2025 година, околу 2:35 часот по полноќ, за време на настапот на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Според досегашните сознанија и обвинението, пожарот бил предизвикан од искри од пиротехнички средства активирани за време на настапот, по што огнот брзо се проширил на таванот на објектот.
Обвинителството тврди дека дискотеката работела без исполнети минимални технички услови, со неправилности во документацијата и реконструкциите и без соодветен систем за противпожарна заштита. Дополнителен проблем бил и бројот на присутни гости, кој го надминувал дозволениот капацитет, како и отежнатата евакуација поради тесниот излез.
Судењето започна на 19 ноември 2025 година во Основниот кривичен суд во Скопје. На обвинителната клупа се најдоа 34 физички и три правни лица, кои се гонат за тешки дела против општата сигурност. Паралелно се води и посебна постапка против полициски службеници поврзана со контролите на објектот.
За семејствата на загинатите, порачуваат, најважно е да се утврди целосната одговорност и никој што придонел за трагедијата да не ја избегне правдата.

