ПРАВЕН ХАОС СО ОДЗЕМАЊЕТО АВТОМОБИЛИ Полицијата одзела 2.098 возила, Врховниот суд ќе пресече во декември

За исто дело едни остануваат без автомобил, други поминуваат само со условна и парична казна. Во меѓувреме, Собранието го менува Кривичниот законик, а се отвора и прашањето што ќе се случи со илјадниците привремено одземени возила.

ПРАВЕН ХАОС СО ОДЗЕМАЊЕТО АВТОМОБИЛИ Полицијата одзела 2.098 возила, Врховниот суд ќе пресече во декември
Фото: Принтскрин

Речиси 2.100 привремено одземени автомобили и мотоцикли, различни судски пресуди за исти кривични дела и нејаснотии во постапувањето на обвинителствата и полицијата пишува порталот „360 степени“. Ова е билансот од примената на измените на Кривичниот законик од февруари годинава, со кои се воведе можност за одземање моторни возила за повеќе форми на безобѕирно управување.

Според податоците од Министерството за внатрешни работи, од 1 февруари до 30 октомври полициските службеници привремено одзеле вкупно 2.098 моторни возила во врска со кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“. Но, примената на законските одредби отвори сериозни дилеми. Во некои случаи обвинителството бара трајно одземање, во други не го предлага, додека судовите за идентични или слични случаи донесуваат различни одлуки.

Токму поради овие разлики, Врховниот суд во декември ќе одржи заедничка средба со четирите апелациски судови, на која ќе се разгледуваат спорните прашања и ќе се бара начин за воедначување на судската практика.

Досегашните судски пресуди покажуваат дека не постои единствен пристап кон одземањето возила за управување без положен возачки испит.

Апелацискиот суд во Гостивар на 23 септември ја преиначил првостепената пресуда и трајно одзел „хонда“ од сопственик кој управувал без положен возачки испит. Судот оценил дека првостепениот суд погрешил што го одбил предлогот на обвинителството, бидејќи одредбата од член 300-б од Кривичниот законик предвидува задолжително одземање. Во друг случај, Основниот суд во Тетово во септември одзел „фолксваген поло“ од скопјанка која исто така управувала без положен возачки испит. Таа добила условна казна, парична казна од 500 евра и шестмесечна забрана за управување моторно возило.

Но, Основниот кривичен суд во Скопје во сличен случај постапил поинаку. Возач кој управувал „мерцедес АМГ“ во сопственост на неговата мајка, без положен возачки испит, добил условна и парична казна, како и забрана за управување, но автомобилот не му бил одземен. Овие примери ги отвораат прашањата за еднаквата примена на законот, правната сигурност и различниот пристап на обвинителствата и судовите.

Судијката и портпаролка на Апелацискиот суд Скопје, Габриела Гајдова, потврдува дека прашањето е поставено како спорно и дека во декември ќе се одржи заедничка средба на четирите апелациски судови.

„Со оглед на тоа дека Врховниот суд е единствено надлежен да донесе начелни правни ставови и правни мислења, а во нашата пракса е воспоставено да се собираат сите четири апелациони судови и да дискутираат по спорни прашања, ние ова го поставивме како спорно прашање и таква средба сега ќе има во месец декември кога очекуваме да се надминат овие дилеми“, вели Гајдова.

Од Апелацискиот суд во Гостивар велат дека имаат изграден став за задолжителното одземање на возилата во случаите предвидени со законот, но нагласуваат дека мора да се почитува принципот на пропорционалност согласно Европската конвенција за човекови права. Од штипската апелација, пак, посочуваат дека прашањето треба да се разгледува од случај до случај, земајќи ја предвид практиката на Европскиот суд за човекови права, особено во однос на двојното и несразмерното казнување и заштитата на сопственоста.

Гајдова објаснува дека судовите при одлучувањето мора да ги земат предвид степенот на вина, тежината на делото, личните и семејните прилики на сторителот и другите изречени санкции, за одземањето на автомобилот да не претставува прекумерен товар за обвинетиот.

Проблемите не завршуваат со различните судски одлуки. Адвокатите укажуваат и на недоследности во постапките за привремено одземање и враќање на возилата. Адвокатот Александар Тумановски посочува пример со негов клиент, кому возилото му било привремено одземено во февруари, по усмена наредба на обвинител, затоа што управувал без положен возачки испит.

Обвинителството подоцна издало казнен налог, кој судот го прифатил во септември, но не било побарано трајно одземање на автомобилот. И покрај тоа, клиентот успеал да си го подигне возилото дури во ноември, речиси девет месеци по привременото одземање.

„Тука го гледам проблемот меѓу самите институции – полиција и обвинителство. Бидејќи кога не се одземаат предметите, обвинителот којшто дал усмена наредба, треба истиот обвинител да даде и наредба до полицијата кога не е предмет на одземање тоа возило да се врати на тие коишто се сопственици на возилото“, вели Тумановски.

Тој предупредува и на прашањето за одговорноста доколку возилата претрпат оштетувања додека се чуваат на полициските паркинзи, изложени на временските услови. Од МВР одговориле дека привремено одземените возила се чуваат на обезбедени места во рамките на надлежните организациски единици, а нивното враќање се спроведува поединечно, врз основа на одлуките на надлежните правосудни органи.

Додека судовите и обвинителствата се соочуваат со дилемите од примената на февруарските измени, Собранието донесе нови измени на Кривичниот законик, со кои се менува и одредбата за кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“. Досегашното решение опфаќаше и управување без положен возачки испит, управување со важечка забрана за возење и управување по престанокот на важењето на возачката дозвола без нова важечка дозвола.

Со новите измени се менува опфатот на оваа одредба, па возењето без положен испит и во случаите поврзани со забраната или престанокот на важењето на возачката дозвола повеќе нема да бидат опфатени на истиот начин. Тоа отвора и прашање за судбината на автомобилите кои веќе се привремено одземени, а за кои нема правосилна судска пресуда. Со оглед на поблагото законско решение, можно е да следува нивно враќање, во согласност со правилата за примена на поблагиот закон.

Така, додека речиси 2.100 возила се најдоа во полициските депоа во изминатите девет месеци, институциите допрва треба да ги расчистат правните и практичните последици од законските измени. Одговорите се очекуваат во декември, кога Врховниот суд и апелациските судови ќе се обидат да стават крај на различните толкувања и неусогласената судска практика.

CATEGORIES
Share This