ОВА Е ЌЕРКА МИ САРА, НИТУ ЕДЕН РОДИТЕЛ ДА НЕ ГО ДОЖИВЕЕ ОВА Таткото на претепаната девојка со потресна порака од протестот во Охрид

Потресни сцени на протестот во Охрид. Таткото на 26-годишната Сара Ѓорѓиеска се појави со фотографија на која се гледаат повредите на неговата ќерка и упати порака што ги трогна присутните: „Ниту еден родител да не го доживее тоа што ни се случи на нас“.

ОВА Е ЌЕРКА МИ САРА, НИТУ ЕДЕН РОДИТЕЛ ДА НЕ ГО ДОЖИВЕЕ ОВА Таткото на претепаната девојка со потресна порака од протестот во Охрид
Фото: Принтскрин

„Охрид не молчи“ и „Ниту една повеќе“ беа пораките што денеска одекнуваа на улиците во Охрид, каде граѓани излегоа на мирен протест против фемицидите, родово базираното и семејното насилство, барајќи поголема заштита на жените и одговорност од институциите. На протестот се приклучи и Љупчо Ѓорѓиески, таткото на 26-годишната Сара Ѓорѓиеска, која на 15 ноември беше брутално претепана од нејзиното момче Кристијан Корабоски и оставена на улица во Охрид.

Тој со себе носеше фотографија од ќерката на која се гледаат модринките и повредите на нејзиното лице.

„Ова е ќерка ми Сара. Ниту еден родител да не го види вакво своето дете и да не го доживее тоа што ни се случи на нас“, рече Ѓорѓиески.

Граѓаните побараа институциите сериозно и навремено да реагираат на секоја пријава за насилство, ефикасно да ги спроведуваат истрагите и да обезбедат заштита за жртвите.

Организаторите на протестот потсетија дека случајот со Сара повторно ја отвори темата за насилството врз жените и институционалното постапување, нагласувајќи дека насилството не е приватна работа, туку проблем на целото општество.

„На 15 ноември во нашиот град се случи грозоморен случај на насилство, случај што нè потресе сите и нè потсети дека насилството не се случува некаде далеку од нас. Се случува тука, меѓу луѓето што ги знаеме. Насилството не е приватна работа, не е проблем на една личност, на едно семејство. Тоа е наш заеднички проблем. Молкот го штити насилството, Охрид повеќе не молчи, не сакаме повеќе жртви“, порачаа организаторите.

Тие посочија дека во земјата за една година се регистрирани седум фемициди и побараа темелно и независно испитување на сите околности поврзани со случаите на насилство.

Протестот започна на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“, по што граѓаните се упатија на марш низ охридската Чаршија и до зградата на Основниот суд во Охрид. Во повикот за протестот беше најавено и обраќање пред СВР Охрид, со барање за навремено постапување и сериозно третирање на пријавите за насилство, како и пред Основното јавно обвинителство, од каде беше побарана темелна истрага, непристрасно судење и еднаквост пред законот.

За случајот со Сара, нејзиното момче, 31-годишниот Кристијан Корабоски, се наоѓа во 30-дневен притвор. Тој е обвинет за телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста, а судењето е закажано за 27 ноември во Охрид.

Пораката од денешниот протест беше јасна: ниту една жена не треба да живее во страв, ниту една жртва да биде оставена без заштита и ниту едно насилство да остане без институционална реакција.

CATEGORIES
Share This