ПОТРЕСНО СВЕДОШТВО ПРЕД ВЛАДАТА Осум дена притвор за една година тепање – кој ќе го заштити моето дете

Граѓаните на протест пред Владата порачаа дека нема да молчат за насилството врз жените и институционалното непостапување.

ПОТРЕСНО СВЕДОШТВО ПРЕД ВЛАДАТА Осум дена притвор за една година тепање – кој ќе го заштити моето дете
Фото: Принтскрин

Граѓани денеска излегоа на протест пред Владата, револтирани од сè почестите случаи на брутално насилство врз девојки и жени во Македонија. Со транспаренти, свирчиња и пораки преку мегафон, демонстрантите побараа итна и решителна реакција од институциите, оценувајќи дека жртвите не смеат да останат незаштитени, додека насилниците се пуштаат на слобода.

Една од најпотресните пораки на протестот ја упати Бети Ангеловска, мајката на 21-годишната девојка од Битола која беше брутално претепана.

Мајката на претепаната девојка јавно го изрази стравот дека насилникот наскоро повторно може да се најде на слобода, прашувајќи кој ќе гарантира за безбедноста на нејзината ќерка.

„За неколку дена насилникот ќе биде слободен и кој ќе го заштити тогаш моето дете? Осум дена притвор за една година тепање девојка. Имам слики од претепаното дете, кои кога ќе заврши истрагата ќе ги објавам. Нема да дозволам никогаш повеќе да биде претепана од тој насилник. Бараме сите деца да бидат заштитени, тоа е работа на полицијата“, порача Ангеловска.

Случајот дополнително ја вознемири јавноста откако осомничениот, при приведувањето, избегал преку прозорец од полициска станица. По неколку дена сам се пријавил во полиција и во моментов е во притвор.

Протестот беше организиран од иницијативата „Ниту една повеќе“, во знак на револт поради фемицидот и насилството врз жените, но и поради, како што посочија демонстрантите, недоволната и задоцнета реакција на надлежните институции.

„Кој ви даде право да нè убивате?“, „Тагата е наша, вината е ваша!“ и „Системот заборава“ беа дел од пораките испишани на транспарентите што ги носеа присутните.

Со свирчиња и мегафон, демонстрантите побараа институционална одговорност и конкретни мерки за заштита на жените, нагласувајќи дека секоја пријава за насилство мора да биде сфатена сериозно и навремено обработена.

Од иницијативата „Ниту една повеќе“ најавија дека протестите продолжуваат. Следниот протест е закажан за 25 ноември во 17 часот. Главното барање на граѓаните е институциите да престанат да реагираат дури откако ќе се случи трагедија и да обезбедат вистинска заштита за жените кои пријавуваат насилство.

Пораката од денешниот протест е јасна: жртвите не смеат да бидат оставени сами, а институционалната одговорност не смее да остане само на зборови.

CATEGORIES
Share This