ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА СЕ ПРИБЛИЖИ ДО 50.000 ДЕНАРИ Еве што покажуваат најновите податоци
Просечната бруто-плата, пак, достигна 73.940 денари, објави Државниот завод за статистика.

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во Македонија во септември 2026 година изнесувала 49.141 денар, што е зголемување за 408 денари, односно 0,8 проценти во споредба со август, кога просекот изнесувал 48.733 денари.
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), на годишно ниво растот е уште позначителен. Во споредба со септември минатата година, просечната нето-плата е повисока за 8,1 процент.
Најголем придонес во годишното зголемување на просечната нето-плата имаат три сектори:
- Снабдување со вода, отстранување отпадни води, управување со отпад и санација на околината – раст од 11,6 проценти.
- Административни и помошни услужни дејности – раст од 10,6 проценти.
- Трговија на големо и мало, поправка на моторни возила и мотоцикли – раст од 10 проценти.
Во однос на претходниот месец, најголем раст на просечната исплатена нето-плата е регистриран во рударството и вадењето камен, за 6 проценти, преработувачката индустрија, за 3 проценти, како и јавната управа и одбраната, за 2,5 проценти.
ДЗС објави дека просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во септември изнесувала 73.940 денари. Тоа претставува годишно зголемување од 8,1 процент во споредба со септември 2025 година.
Најголем годишен раст на бруто-платите е забележан во секторите снабдување со вода, управување со отпад и санација на околината, со 11,7 проценти, административни и помошни услужни дејности, со 10,7 проценти, и транспорт и складирање, со 10,4 проценти.
На месечно ниво, најголем раст на бруто-платите има во рударството и вадењето камен, за 6,1 процент, преработувачката индустрија, за 3 проценти, и јавната управа и одбраната, за 2,6 проценти.
Според статистиката, просечната нето-плата во септември за првпат во овој споредбен период достигна 49 илјади денари, додека годишниот раст на платите изнесува 8,1 процент.

