ТЕХНИЧКИ СОВЕТНИК ИЛИ ДНК-ВЕШТАК Обвинителката тврди дека лицето ангажирано од одбраната нема стручност за ДНК-анализи
Обвинителката Искра Хаџи Василева оцени дека презентираното стручно мислење не ја доведува суштински во прашање ДНК-експертизата на Обвинителството.

Судскиот процес против апелацискиот судија Ѓоко Ристов продолжи денеска во Кривичниот суд во Скопје со сослушување на стручен советник ангажиран од одбраната, кој укажа на можни пропусти при обезбедувањето на доказниот материјал во предметот.
Обвинителката Искра Хаџи Василева, пак, има поинаква оценка за презентираниот материјал од одбраната. Таа смета дека станува збор за осврт на постапувањето на службените лица при претресот, а не за стручно вештачење кое може да ја оспори ДНК-анализата.
„Денеска, во судницата имавме технички советник, но тоа што го има изготвено не може да се нарече вештачење. Самиот тој го крсти како наод и стручно мислење и заклучоци“, изјави Хаџи Василева.
Таа нагласи дека презентираниот материјал не содржи наоди со кои суштински се дискредитира експертизата на биолошките траги за кои Обвинителството тврди дека се поврзани со обвинетиот Ѓоко Ристов.
Според обвинителката, профилот на техничкиот советник не му овозможува да врши вештачење на ДНК-траги.

