ФИЛИПЧЕ БАРА НОВА ЛИДЕРСКА СРЕДБА – Нема потреба, имаше пред еден месец, прави си средби со Ахмети
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска изјавија дека не гледаат потреба од нова лидерска средба, откако претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека во понеделник ќе предложи конкретни точки за евентуална средба на лидерите на најголемите политички партии.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска изјавија дека не гледаат потреба од нова лидерска средба, откако претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека во понеделник ќе предложи конкретни точки за евентуална средба на лидерите на најголемите политички партии.
На прес-конференција во партиското седиште, Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, реагираше на иницијативата на Филипче, наведувајќи дека ваквите повици се користат за лична политичка промоција.
„Првенствено би сакале Венко Филипче да не ги користи ваквите прилики за да си го крева политичкиот рејтинг. Лидерска средба имаше пред само еден месец и сметаме дека нема потреба од нова. Доколку сака да се среќава, може тоа да го направи со своите коалициони партнери – Ахмети, Таравари или Апасиев. Тие се исти луѓе со исти вредности,“ рече Манасиевски.
Од друга страна, Филипче, одговарајќи на новинарски прашања во Охрид, потенцираше дека е подготвен на заедничка работа и дијалог во интерес на државата, особено во делот на евроинтеграциите. Тој се осврна и на пораките од Европската унија, укажувајќи дека е неопходно лидерите да најдат заеднички јазик и да дејствуваат.
„Веќе во понеделник ќе предложам конкретни теми за разговор. Јасни се пораките од ЕУ – чекањето и недејствувањето е губење време. Младите го гледаат тоа како причина за иселување. Ако не го откочиме евроинтегративниот процес, ќе ја изгубиме иднината на младите генерации во Македонија,“ изјави Филипче.
Тој додаде дека останува посветен на иницијативи кои ќе доведат до национален консензус и подобрување на квалитетот на животот во земјата.


