НИКОГАШ НЕ СЕ ВРАТИЛЕ ВО РОДНИОТ КРАЈ Во Полска откриен првиот споменик на децата бегалци од Егејска Македонија

Во полскиот град Полице е откриен споменик посветен на македонските деца бегалци кои по Граѓанската војна во Грција никогаш не се вратиле во родниот крај, туку животот го поминале во Полска.

НИКОГАШ НЕ СЕ ВРАТИЛЕ ВО РОДНИОТ КРАЈ Во Полска откриен првиот споменик на децата бегалци од Егејска Македонија
Фото: Принтскрин

Во полскиот град Полице е откриен првиот споменик во Полска посветен на децата бегалци од Егејска Македонија, кои откорнати од своите огништа, наместо да се вратат во родниот крај, својот живот го продолжиле во Полска, каде што и починале. Споменикот е авторско дело на Петро Алексовски, а неговата реализација ја поддржа Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија (ФХЕМ).

Споменикот го открија градоначалникот на Полице, Кристијан Ковалевски, и амбасадорот на Македонија во Полска, Јасмин Ќамил. Ова е прв од трите споменици што треба да бидат поставени во полските градови кои во минатото ги згрижиле децата бегалци од Егејска Македонија.

На свеченото откривање, амбасадорот Ќамил, градоначалникот Ковалевски и авторот Алексовски изразија благодарност до Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, истакнувајќи дека неговата поддршка била клучна за реализацијата на проектот во толку краток период.

Директорот на ФХЕМ, Горан Садикаријо, посочи дека судбината на децата бегалци од Егејска Македонија природно се поврзува со историската меморија на еврејскиот народ и со страдањата на сите луѓе кои ги преживеале прогонот и загубата на својот дом.

„Судбината на децата бегалци од Егејска Македонија, откорнати од своите огништа, природно се преплетува со историската меморија на еврејскиот народ и на сите оние кои го преживеале прогонот и загубата на домот. Затоа беше природно да помогнеме“, истакна Садикаријо.

На средбата со директорот на ФХЕМ, Горан Садикаријо, била најавена и иницијатива за отворање музеј во Полице, во кој една од просториите би била посветена на историјата и судбината на македонските Евреи. Од Фондот посочуваат дека поддршката на споменикот претставува израз на посветеноста кон зачувувањето на историската меморија, солидарноста и почитта кон човечките судбини обележани со прогон и раселување.

CATEGORIES
Share This