ОТПУШОК ОД ЦИГАРА ПРЕДИЗВИКАЛ ПОЖАР ВО 8 СЕПТЕМВРИ Пациентите евакуирани, директорот откри детали

Пожар избувнал утрово на вториот кат во ГОБ „8 Септември“ во Скопје, по што веднаш била спроведена евакуација.

ОТПУШОК ОД ЦИГАРА ПРЕДИЗВИКАЛ ПОЖАР ВО 8 СЕПТЕМВРИ Пациентите евакуирани, директорот откри детали
Фото: Принтскрин

Пожар избувнал утрово во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, на Одделението за ортопедија, по што била активирана итна евакуација на пациентите.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека преку бројот за итни повици Е-112 добиле известување за пожар на вториот кат во болницата, по што веднаш била известена Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

Од противпожарната бригада потврдиле дека пожарот избувнал во внатрешна просторија на Одделението за ортопедија и дека е локализиран, без опасност од понатамошно ширење.

Директорот на болницата, д-р Синиша Стојаноски, за порталот „Скопје1“ изјавил дека станува збор за ситуација предизвикана од човечки фактор, односно од отпушок од цигара.

„Ништо сериозно, направена е евакуација веднаш. Од неодговорен човечки фактор (отпушок од цигара) е предизвикана оваа ситуација. Утврдуваме фактичка состојба во моментов, но нема никаков ризик ниту за пациентите ниту за персоналот“, изјавил Стојаноски.

Засега нема информации за евентуална материјална штета, ниту се соопштени дополнителни детали за околностите под кои избувнал пожарот.

CATEGORIES
Share This