ТУРСКИ ТРЕНЕР ВО ПРЕГОВОРИ СО ФФМ Хамзаоглу доаѓа на местото на Седлоски
Турчинот со Галатасарај освои првенство, Куп и Суперкуп, а сега може да ја преземе македонската репрезентација.

Турскиот стратег Хамза Хамзаоглу е потенцијален кандидат за нов селектор на македонската фудбалска репрезентација. Според информациите што ги објавија турските медиуми, 56-годишниот тренер веќе започнал разговори со Фудбалската федерација на Македонија за преземање на националниот тим.
Веста ја пренесуваат „Ајанспор“ и други турски спортски портали, повикувајќи се на новинарот Решат Џан Озбудак. Доколку информациите се потврдат, Македонија би можела да добие тренер кој зад себе има шампионска титула и три освоени трофеи со еден од најголемите турски клубови.
Хамзаоглу е добро познато име во турскиот фудбал, особено по успешниот период на клупата на Галатасарај во сезоната 2014/2015. Тогаш го предводеше тимот до шампионската титула, Купот на Турција и Суперкупот, а во составот на турскиот гигант во тој период настапуваше и македонскиот репрезентативец Горан Пандев.
Последниот ангажман на турскиот тренер беше во саудискиот Ал-Шабаб, каде што работеше како помошник на Фатих Терим. Клубот го напушти во јуни 2025 година, по што нема нов тренерски ангажман. Во досегашната кариера Хамзаоглу самостојно ги предводеше и Малатијаспор, Ејупспор, Денизлиспор, Акхисар, Бурсаспор, Анталијаспор, Генчлербирлиги, Кајсериспор и Ризеспор.
Евентуалното доаѓање на турскиот стратег се споменува во период кога селекторската позиција во Македонија е под зголемен притисок по серијата незадоволителни резултати. Според турските медиуми, репрезентацијата нема победа на последните десет натпревари под водство на Гоце Седлоски, а во групната фаза од Лигата на нации забележала шест порази и го освоила последното место.
Засега ФФМ нема официјално да потврди дека се водат разговори со Хамзаоглу, ниту дека постои договор за негово евентуално назначување.
МАКЕДОНИЈА ЈА ЗАВРШИ ГОДИНАТА СО 8 ПОРАЗИ И САМО ЕДЕН ГОЛ Но, традицијата ни дава надеж за баражот

