МУ СЕ ЗАКАНУВА КРАЈ НА ВЛАДЕЕЊЕТО Инфантино доби двајца противкандидати за претседател на ФИФА

Филип Диало од Франција и Јапонецот Кохзо Ташима официјално се пријавија за трката за претседател на светската фудбалска централа.

МУ СЕ ЗАКАНУВА КРАЈ НА ВЛАДЕЕЊЕТО Инфантино доби двајца противкандидати за претседател на ФИФА
Фото: Принтскрин

Џани Инфантино нема да има лесен пат до нов претседателски мандат во Светската фудбалска федерација (ФИФА). ФИФА денеска официјално потврди дека покрај актуелниот претседател, уште двајца кандидати се пријавиле за изборите што ќе се одржат на конгресот во Мароко во март.

Инфантино веќе најави дека ќе се кандидира за нов мандат, но овојпат ќе се соочи со конкуренција. Противкандидати му се Филип Диало, претседател на Француската фудбалска федерација, и Кохзо Ташима од Јапонија, поранешен претседател на Јапонската фудбалска федерација.

Кандидатурите сега треба да поминат низ процедурата за проверка и одобрување од тричлената комисија на ФИФА. Според објавените информации, одлуката треба да биде донесена најдоцна до 18 февруари, а кандидатите чии пријави евентуално ќе бидат одбиени имаат право на жалба до Спортскиот арбитражен суд во Лозана.

Диало има долгогодишно искуство во фудбалската администрација, а бил вклучен и во работата на одредени комисии на ФИФА. Се смета дека има поддршка од европските фудбалски федерации.

Ташима, пак, е поранешен фудбалер и некогашен претседател на Јапонската фудбалска федерација, а има искуство и во арбитражните тела на светската фудбалска организација.

Кандидатурите на двајцата противкандидати доаѓаат во момент кога Инфантино се соочува со критики поради дел од неговите потези и контроверзии околу раководењето со ФИФА. Пред претстојниот конгрес останува да се види дали незадоволството од неговото раководење ќе се претвори во реална поддршка за некој од противкандидатите.

CATEGORIES
Share This