КРАТОВО СО КОНЦЕРТ ВО ЧЕСТ НА ВАЊА ЛАЗАРОВА: Вера Милошевска-Јосифовска специјална гостинка на четвртите „Денови на Вања Лазарова“
Со вечерашниот концерт, Кратово повторно ѝ оддава почит на својата сограѓанка и на уметницата чиј глас стана симбол на македонската изворна песна.

Кратово вечерва ќе биде во знакот на македонската изворна песна, со одржувањето на четвртото издание на манифестацијата „Денови на Вања Лазарова“, посветена на една од најзначајните интерпретаторки на македонската народна музика.
Концертот ќе се одржи во 18 часот во киносалата во Кратово, а специјална гостинка ќе биде Вера Милошевска-Јосифовска, вокалистка на групата „Љубојна“. На сцената ќе настапат и ученици од музичките училишта во Скопје, Штип и Битола, со цел да се оддаде почит на музичкото наследство на Лазарова и да се поттикне неговото пренесување на помладите генерации.
Организатор на манифестацијата е Музејот на град Кратово, а покровител е Општина Кратово.
Вања Лазарова – гласот што ја прослави македонската изворна песна
Родена во селото Страцин, Кратовско, Вања Лазарова остави неизбришлива трага во македонската музичка култура. Со својот специфичен вокален израз, емоционална интерпретација и автентичен пристап кон народната песна, таа ги доближи македонските музички богатства до публиката во земјата и во странство.
Во текот на кариерата работела во Операта при Македонскиот народен театар и била дел од ансамблот „Танец“. Нејзиниот репертоар го одбележаа песни како „Гукни ми, гукни“, „Имала мајка две деца“ и „Прошета се Јовка Кумановка“.
Нејзиниот уметнички опус го надмина традиционалниот фолклорен израз. Лазарова соработуваше со гитаристот Мирослав Тадиќ на проектот „Лулка“, а нејзиниот глас се слуша и во музиката за филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, реализирана во соработка со групата „Анастасија“.
Вања Лазарова почина во 2017 година, но нејзините интерпретации и денес претставуваат значаен дел од македонското музичко наследство.
Со вечерашниот концерт, Кратово повторно ѝ оддава почит на својата сограѓанка и на уметницата чиј глас стана симбол на македонската изворна песна.

