Кога „решливите прашања“ стануваат прашања на опстанок

Пораката од 17 Ноември дека студентите премногу се фокусирани на социјалните услуги наместо на квалитетот на  образованието отвора суштинска дилема за поделбата на одговорноста  и вистинските приоритети во системот.

Кога „решливите прашања“ стануваат прашања на опстанок
Фото: Национал

Колумна, Национал
Ѓорѓи Илиевски
Виш просветен инспектор во пензија
Четврток, 19 ноември 2026 година

На 17 Ноември, Меѓународен ден на студентите – ден роден од отпорот, жртвата и борбата за достоинство и слобода – македонските студенти добија честитка  која повеќе личеше  на укор  отколку  на подршка. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска,  порача дека загрижува  тоа што студентите бараат само социјални услуги и оброк, и дека  се губи време на „решливи  прашања“, наместо сите заедно да се фокусираме на квалитетот на образованието на резултатите на меѓународните тестирања како ПИСА:

Ваквата порака, искажана токму на празникот  на студентите, отвора сериозни дилеми: дали институциите воопшто ја разбираат  реалноста во која  живее  и студира просечниот македонски студент?

Пред се’, сведувањето на студентите барање  на обично „губење време“ околу 140-те денари за студентски оброк е длабоко  несоодветно. За студентот кој секојдневно пресметува дали со  тие 140  денари-износ што со години не го следи растот на  цените-може да купи пристоен ручек, оброкот не е тревијална социјална услуга. Тоа е основен предуслов за егзистенција. Човек со празен стомак и во ладна соба  од студентски дом што со години чека вистинска обнова,  тешко може  да размислува за академска извонредност.

Уште поапсурдна е тезата со која студентските барања за подобар стандард  индиректно се ставаат во контраст со лошите резултати на ПИСА-тестирањето. Да потсетиме: ПИСА мери знаење на 15-годишни ученици во средно образование.

Студентите ниту ги пишуваат учебниците за основно образование, ниту ги креираат наставните програми, ниту пак ги водат  образовните политики што со децении го тонат  системот.

Да им се префрла на студентот дека со своето инсистирање на законски загарантираното право на оброк  го одвлекуваат вниманието од квалитетот  на образованието е класична замена на тези. Одговорноста за системските реформи, за модернизација на наставата и за подигнувањето на академските критериуми  е кај државата, министерството  и универзитетите, а не кај оние  што дошле да учат.

Улогата на студентските организации во секоја демократска земја е токму таа – да бидат гласни, да се борат за  правата и стандардот на своите колеги и да не дозволат нивните егзистенционални  проблеми да бидат ставени под тепих во име  на некакви „повисоки цели“.  Кога студентите бараат усогласување на оброкот со инфлацијата , функционален превоз или  пристојни услови за сместување, тие не бегаат од квалитетот. Напротив, тие бараат државата да си  ги исполни  својот дел  од обврската.

Затоа, наместо прекори на 17 Ноември,  на студентите им е потребен партнер кој ќе разбере дека „решливите прашања“ се решливи само кога  вистински ќе се  решат.

Квалитетното образование не се гради со празни ветувања за некои идни софтверски  решенија, туку со почит кон  достоинството  на оние  што треба да бидат иднината на оваа земја.

Колку Македонија издвојува за науката како развоен технолошки образовен процес

CATEGORIES
Share This