СКАНДАЛ ВО ДЗС Вработен побарал 500 евра за да издаде согласност за градба, па побегнал со парите
Вработен во Дирекцијата за заштита и спасување е осомничен за примање поткуп од 32.000 денари за издавање позитивно мислење за елаборат кој не ги исполнувал условите.

Вработен во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) е приведен под сомнение дека побарал и примил поткуп од 500 евра за да издаде согласност потребна за изградба на објект, иако документацијата не ги исполнувала потребните услови. Станува збор за 63-годишен жител на Скопје, кој работел како советник за урбанистичко планирање и бил овластен да потпишува, дава мислења и издава согласности за просторни и урбанистички планови, проекти и елаборати од областа на заштитата и спасувањето.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 12 ноември осомничениот се сретнал со лице кое дошло во просториите на ДЗС за да се информира за статусот на предмет поднесен во Општина Центар. При средбата, вработениот побарал 500 евра за да ја потпише потребната согласност и покрај недостатоците во документацијата.
На 17 ноември, при повторна средба, лицето му ги предало парите. Веднаш потоа интервенирале полициски службеници, а осомничениот се обидел да побегне, но бил фатен и лишен од слобода. Кај него бил пронајден и одземен ковертот со парите. Акцијата ја спровеле припадници на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против осомничениот за кривично дело „примање поткуп“, предвидено во член 357 став 1 од Кривичниот законик. Според Обвинителството, осомничениот побарал и примил 32.000 денари за да издаде согласност за елаборат кој не ги исполнувал условите за градба во делот на заштитата од пожари, експлозии и опасни материи.
Јавниот обвинител доставил предлог до судијата на претходна постапка за определување мерка притвор, наведувајќи ризик од бегство, можност за повторување на кривичното дело и опасност од влијание врз сведоци. Осомничениот претходно бил задржан во полициска станица, а надлежните институции продолжуваат со обезбедување докази и целосно документирање на случајот.

