GTA 6 РУШИ РЕКОРДИ УШТЕ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА Преднарачките надминаа 1,5 милијарди долари
По 13 години чекање, новото продолжение на култниот серијал Grand Theft Auto предизвика невиден интерес кај гејмерите. Аналитичарите предвидуваат историски успех за Rockstar Games, а GTA Online досега донела повеќе од пет милијарди долари.

Новото продолжение на култниот серијал Grand Theft Auto сè уште не е достапно за јавноста, а веќе се проценува дека преку преднарачки генерирало повеќе од 1,5 милијарди долари.
Според проценките на аналитичката компанија „Sensor Tower“, кои ги пренесува CNN, интересот за Grand Theft Auto VI е толку голем што играта би можела да стане едно од најуспешните изданија во историјата на индустријата за видеоигри.
Долгото чекање очигледно не ја намали возбудата кај фановите. Новото продолжение пристигнува 13 години по објавувањето на претходната главна игра, GTA V, а и покрај неколкуте одложувања на премиерата, интересот останува исклучително висок.
Според истите проценки, приходите од преднарачките надминале една милијарда долари уште девет дена пред планираното излегување на играта. Тоа е речиси двојно повеќе од сумата што во истата фаза ја остварила Call of Duty: Modern Warfare II, еден од најпродаваните наслови во САД во 2022 година.
Дејството во GTA 6 ќе се одвива во Леонида, измислена верзија на американската сојузна држава Флорида. Играчите ќе имаат можност да истражуваат огромен отворен свет, да посетуваат различни градови, да крадат автомобили, да ограбуваат продавници и да учествуваат во бројни криминални активности.
Високите очекувања за новото продолжение не се без причина. Претходната игра, Grand Theft Auto V, објавена во 2013 година, стана еден од најуспешните наслови во историјата на видеоигрите, а нејзината популарност трае и повеќе од една деценија по премиерата. Клучна улога во тоа има GTA Online, мултиплеер-компонентата која беше лансирана неколку недели по објавувањето на основната игра.
Таа им овозможи на играчите заеднички да го истражуваат Лос Сантос, измислена верзија на Лос Анџелес, и да продолжат со авантурите во светот на GTA долго по завршувањето на главната приказна. Со редовните ажурирања, новите содржини и различните режими на игра, „Rockstar Games“ успеа да ја одржи заинтересираноста на милиони корисници. Дополнителен извор на приходи станаа виртуелните предмети и надградбите што играчите ги купуваат со вистински пари.
Според проценките што ги пренесува CNN, само GTA Online во изминатата деценија генерирала приходи од повеќе од пет милијарди долари.
Долготрајниот комерцијален успех ја претвори франшизата Grand Theft Auto во една од највредните и најпознатите во светот на видеоигрите. Серијалот се наоѓа меѓу најпродаваните франшизи на сите времиња, заедно со светски познатите имиња како Tetris, Pokémon и Call of Duty.
Според податоците на кои се повикува CNN, на GTA ѝ недостигаат уште приближно 40 милиони продадени примероци за да го преземе првото место на листата. Пристигнувањето на шестото продолжение би можело значително да го промени поредокот. Ако се суди според интересот за преднарачки и досегашните финансиски резултати на претходникот, „Rockstar Games“ има сериозни причини да очекува уште еден историски успех.
По 13 години чекање, GTA 6 не само што е една од најочекуваните видеоигри во историјата, туку веќе бележи милијарди долари приходи пред да им биде достапна на играчите.

