ПО 30 ГОДИНИ СЕ МЕНУВА ЕНЕРГЕТСКАТА КАРТА Македонија добива нови правци за гас, а нафтоводот со Грција повторно работи
Божиновска во Варшава најави завршување на гасниот интерконектор со Грција во јуни следната година и поврзување со Србија. Продуктоводот со Грција повторно е во функција по 12 години пауза.

Македонија гради нова енергетска инфраструктура и отвора алтернативни правци за снабдување со цел да ја намали зависноста од еден извор и да ја зајакне енергетската сигурност. Плановите за диверзификација, новите гасни интерконектори и заштитата на критичната инфраструктура беа во фокусот на обраќањето на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на седмиот состанок на Партнерството за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) во Варшава.
На панел-дискусијата посветена на европската енергетска безбедност, Божиновска порача дека регионалната соработка е неопходна за долгорочна стабилност и дека ниту една држава не може изолирано да обезбеди сигурно снабдување со енергија.
„Три децении имавме само еден извор за снабдување со природен гас – преку Бугарија. Сепак, монополот не е добро решение, особено за земја без излез на море. Затоа одлучивме да обезбедиме алтернативи“, истакна министерката.
Еден од клучните проекти е гасниот интерконектор со Грција, чија изградба, според Божиновска, се очекува да заврши во јуни следната година. Цевководот е подготвен и за транспорт на водород, што отвора можности за негово користење и во идните енергетски системи. Паралелно се работи и на гасното поврзување со Србија, со што Македонија ќе добие дополнителни можности за пристап до регионалните пазари и нови извори на снабдување.
Во електроенергетиката се преземаат активности за поврзување со Албанија, додека значаен чекор во диверзификацијата е и повторното активирање на продуктоводот за транспорт на нафтени деривати со Грција. По 12 години неактивност, продуктоводот започна да работи оваа година.
Божиновска посочи и на сериозните проблеми со синџирите на снабдување и долгите рокови за набавка на енергетска опрема. Како пример го наведе инвеститорот заинтересиран за изградба на гасна турбина, кој го добил првиот достапен термин за испорака дури во 2032 година.
Овој пример, според министерката, покажува колку е важно енергетските инвестиции да се планираат навреме, имајќи ги предвид достапноста на технологијата, резервните системи и новите безбедносни предизвици.
Посебен дел од дискусијата беше посветен на заштитата на критичната енергетска инфраструктура. Божиновска нагласи дека сајбер-нападите и заканите од дронови бараат нов пристап во планирањето и управувањето со енергетските системи. Таа истакна дека државите треба да ги создадат соодветните политики и законодавна рамка, додека приватниот сектор треба да учествува во нивното спроведување, со постојана соработка меѓу институциите и инвеститорите.
„Она што се случи во Украина и последните геополитички случувања се важна лекција. Денес мора да размислуваме за резервни решенија, технологија и поголема регионална соработка. Енергетската инфраструктура се менува и станува сè позависна од технологијата“, порача Божиновска.
Во однос на улогата на НАТО, министерката оцени дека со зголемувањето на заканите од дронови и сајбер-напади, механизмите за консултации и координација во рамките на Алијансата ќе добиваат сè поголемо значење. На панелот учествуваа и литванскиот министер за енергетика Лукас Савицкас, Пјер Бешелани од Fluor и Роџер Мартела од GE Vernova, а дискусијата ја модерираше Бенџамин Шмит од Универзитетот во Пенсилванија.
Седмиот состанок на P-TEC во Варшава ги обединува владините претставници, меѓународните институции и претставниците на енергетскиот сектор од Европа и САД, со фокус на енергетската безбедност, диверзификацијата и стратешката инфраструктура.

