ДЕМОКРАТСКА ПАРТИЈА НА РОМИТЕ Ја поздравуваме обуката за ромските образовни медијатори и секоја акција што е во интерес на Ромите
Од партијата оценуваат дека вложувањето во образованието, зајакнувањето на компетенциите на образовните медијатори и подобрувањето на условите за образование на ромските деца се важни чекори кон еднакви можности и поголема општествена вклученост.

Демократската партија на Ромите ја поздравува обуката за ромските образовни медијатори во основното и средното образование, организирана од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, со поддршка од УНИЦЕФ.
Сметаме дека секоја акција, иницијатива и институционална активност што е во интерес на ромската заедница, особено кога станува збор за образованието на ромските деца и младите, заслужува поддршка и охрабрување.
Ромските образовни медијатори имаат значајна улога во поврзувањето на училиштата со учениците Роми, нивните родители и локалната заедница. Нивната работа придонесува за поголема редовност на учениците, навремено препознавање на проблемите, спречување на напуштањето на образованието и создавање подобри услови за вклучување на ромските деца во образовниот процес.
Особено ја поздравуваме информацијата дека бројот на ангажирани образовни медијатори е зголемен од првично предвидените 20 на 50 во учебната 2026/2027 година. Ова е важен чекор кон проширување на поддршката за учениците Роми и зајакнување на механизмите за нивно вклучување во образовниот систем.
Очекуваме ваквите активности да продолжат и во иднина, со континуирана институционална поддршка, соодветни услови за работа и вреднување на придонесот на образовните медијатори.
Демократската партија на Ромите останува на ставот дека образованието е еден од клучните предуслови за подобра иднина на ромската заедница. Затоа, ја поздравуваме секоја институционална активност што придонесува за унапредување на образованието, еднаквите можности и подобрувањето на положбата на Ромите во општеството.
Кога станува збор за интересите на ромската заедница, секој позитивен чекор е важен и заслужува поддршка.

