НОВИ НАЛЕПНИЦИ ЗА СИТЕ ВОЗИЛА, НО И КАЗНИ ДО 500 ЕВРА Сопствениците ќе мора да пријавуваат промена на телефонски број во рок од три дена
Владата предлага големи измени на Законот за возила: полицијата електронски ќе проверува регистрација, осигурување, техничка исправност и еколошка категорија, а оштетување или пренесување на налепницата ќе се казнува со 500 евра.

Сите возила во Македонија ќе добијат нови, визуелно идентични налепници, преку кои полицијата и надлежните институции ќе можат електронски да ги проверуваат најважните податоци за автомобилите. Ова е предвидено со измените и дополнувањата на Законот за возила што Владата ги предложи и веќе се во собраниска процедура.
Иако на налепниците нема да бидат јавно видливи личните податоци на сопствениците, нивното отстранување, оштетување, преправање, уништување или пренесување на друго возило ќе се казнува со 500 евра.
Една од новините што директно ги засега сопствениците на возила е обврската за ажурирање на контакт-податоците. При секоја промена на мобилниот телефонски број или електронската пошта, сопственикот ќе мора најдоцна во рок од три дена да ги пријави новите податоци во станица за технички преглед.
За непочитување на оваа обврска е предвидена глоба од 100 евра.
Налепниците ќе изгледаат исто, но еколошката поделба на возилата во три категории – зелена, жолта и црвена останува во сила. Трошокот за категоризацијата ќе го плаќаат сопствениците, според ценовник што дополнително ќе го утврди министерот за енергетика.
Според предложените измени, зелената категорија ќе ги опфаќа електричните и хибридните возила, автомобилите со стандард „Еуро 5“ и повисок, како и одредени возила со „Еуро 3“ и „Еуро 4“ кои имаат вграден плински уред или опрема за намалување на емисиите.
Во жолтата категорија ќе влегуваат возилата со стандард „Еуро 3“ и „Еуро 4“, додека црвената ќе ги опфаќа постарите автомобили со „Еуро 2“ и понизок стандард. Од обврската ќе бидат изземени одредени службени возила, како и возила на лица со попреченост и тешки здравствени состојби.
Со измените се предвидува и проширување на Регистарот на возила. Во него секојдневно ќе се внесуваат податоци за издувните гасови, поминатите километри, осигурувањето, увозот и промените на сопственоста заверени кај нотар. Пристап до овие податоци ќе имаат повеќе институции, меѓу кои УЈП, Финансиската полиција, Царината, МВР, нотарите и извршителите.
Предлог-законот предвидува и построга контрола на станиците за технички преглед. Доколку се утврдат неправилности при мерењето на издувните гасови, проверката на сопирачките или системот за управување, станиците може да добијат забрана за работа од 30 дена, а во потешки случаи и трајно да ја загубат лиценцата.
За фирмите се предвидени парични казни до 10.000 евра.
Дополнително, стручните испити за вработените во техничките служби ќе се снимаат, а дел од полагањата ќе се емитуваат во живо на веб-страницата на Министерството за енергетика.
Измените отвораат можност земјоделците и граѓаните преку судска постапка и нотарска изјава да го регулираат сопственичкиот статус и да ги регистрираат тракторите, приколките, мотокултиваторите и приклучните возила за кои досега не можеле да ја завршат постапката.
Предложените измени сега се во собраниска процедура, а нивната примена ќе зависи од усвојувањето на законот и донесувањето на потребните подзаконски акти.

