ОН ДОАЃА ВО СКОПЈЕ НА ПРВИОТ ФОРУМ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ДИПЛОМАТИЈА Во фокусот обновливите извори и жените во енергетиката

На настанот се најавени високи претставници на Обединетите нации и УНДП, а министерката Сања Божиновска ќе учествува на централната панел-дискусија.

ОН ДОАЃА ВО СКОПЈЕ НА ПРВИОТ ФОРУМ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ДИПЛОМАТИЈА Во фокусот обновливите извори и жените во енергетиката
Фото: Принтскрин

Скопје на 25 ноември ќе биде домаќин на првиот Форум за енергетска дипломатија, посветен на обновливите извори на енергија и улогата на жените во енергетскиот сектор, најави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Меѓународниот настан под наслов „Обновливи извори и жените во енергетиката“ ќе се одржи во хотелот „Александар Палас“, а неговото отворање ќе ѝ припадне на министерката Божиновска. Според најавите, на форумот ќе присуствуваат и високи претставници на Обединетите нации и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Божиновска ќе биде дел и од централната панел-дискусија, на која ќе се дебатира за улогата на жените во енергетиката, енергетската безбедност и значењето на меѓународната соработка во развојот на секторот.

Министерката истакна дека е неопходно да се создадат повеќе можности за активно вклучување на жените во енергетиката, особено на раководни позиции и места каде што се креираат политики и се носат стратешки одлуки.

„Верувам дека ни се потребни повеќе жени на позиции на кои се носат одлуки и повеќе можности со нивното знаење и искуство да придонесат за развојот на енергетиката“, порача Божиновска.

Форумот има за цел да отвори дискусија за предизвиците и можностите во енергетската транзиција, развојот на обновливите извори и поголемото учество на жените во еден од стратешките сектори на економијата.

Повеќе информации за програмата и регистрацијата се достапни на официјалната веб-страница на форумот.

CATEGORIES
Share This