35 ГОДИНИ ОД ПРВИОТ УСТАВ Денот кога Македонија ги постави темелите на независната држава
На 17 ноември 1991 година Собранието го донесе највисокиот правен акт на државата, по референдумот за независност и во периодот на распаѓање на поранешната југословенска федерација.

На денешен ден, 17 ноември 1991 година, Собранието на Република Македонија го донесе првиот Устав на независната македонска држава, со што беа поставени темелите на нејзиното уставно-правно уредување. Историскиот чин се случи во период на големи политички промени и распаѓање на поранешната југословенска федерација, по референдумот од 8 септември 1991 година, на кој граѓаните се изјаснија за самостојна и суверена држава.
Со првиот Устав, Македонија беше дефинирана како суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Беа утврдени основните принципи на парламентарната демократија, поделбата на власта, заштитата на човековите права и слободи, како и институционалната рамка на независната држава. Темелните принципи на Уставот се поврзуваат со вековната борба на македонскиот народ за државност, историските традиции на Крушевската Република и АСНОМ, како и со заложбите за демократско уредување и остварување на правата и слободите на граѓаните.
На донесувањето на Уставот му претходеше Декларацијата за независност, усвоена од првиот повеќепартиски состав на Собранието на 25 јануари 1991 година. Процесот на осамостојување беше проследен и со политички несогласувања. Дел од албанската етничка заедница го бојкотираше референдумот за независност, а пратениците Албанци не го поддржаа новиот Устав.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата беше потврден на 8 април 1993 година, кога Република Македонија стана 181. полноправна членка на Обединетите нации. Поради противењето на Грција на уставното име, приемот беше извршен под привремената референца „Поранешна Југословенска Република Македонија“. Во изминатите 35 години Уставот претрпе повеќе измени и дополнувања. Меѓу позначајните се амандманите од 2001 година, по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, како и измените од 2019 година, со кои уставното име на државата беше променето во Република Северна Македонија.
По повод 35-годишнината од донесувањето на првиот Устав, денеска во Собранието ќе се одржат повеќе панел-дискусии посветени на историскиот процес на неговото донесување, уставното уредување и осамостојувањето на државата.
ТРИ ДЕЦЕНИИ БЕЗ РЕШЕНИЕ – Зошто уставната тужба сè уште не постои

