ЈА ЗАТВОРИЛ, ЈА ТЕПАЛ ДО ОНЕСВЕСТУВАЊЕ, ПА И НАНЕЛ ТЕШКИ ПОВРЕДИ Обвинение за Охриѓанецот, обвинителството бара притвор
Обвинетиот ја нападнал 26-годишната девојка во автомобил, по што таа изгубила свест и била пренесена во болница со тешки телесни повреди.

Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинение против 31-годишен охриѓанец за три кривични дела поврзани со семејно насилство „телесна повреда“, „противправно лишување од слобода“ и „загрозување на сигурноста“. Истовремено, до Основниот суд во Охрид е доставен и предлог за определување мерка притвор. Според обвинителството, обвинетиот при вршење семејно насилство противправно ја затворил својата 26-годишна девојка, физички ја нападнал, ѝ нанел телесни повреди и ја загрозил нејзината сигурност.
Во рамки на истрагата, јавниот обвинител презел повеќе дејствија за целосно испитување на случајот. Оштетената била испитана во присуство на претставници на социјалните служби, а било наредено и извршено вештачење за видот и карактерот на повредите.
„Имајќи ги предвид утврдените околности во предметот, јавниот обвинител до Судот достави предлог за определување мерка притвор за обвинетиот, кој беше обезбеден за цело време од поведувањето на постапката“, информираат од ОЈО Охрид.
Според претходното соопштение на Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил на 15 ноември, околу 2 часот по полноќ. По расправија што започнала во домот на 31-годишниот маж и продолжила во неговиот автомобил, тој физички ја нападнал девојката. Откако го запрел возилото, нападот продолжил, при што 26-годишната девојка изгубила свест и паднала. Таа најпрво била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во болницата „Св. Еразмо“, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.
Полицијата го лишила од слобода во 5:05 часот и го задржала во полициска станица. Првично, Основниот суд во Охрид, по барање на обвинителството, му определил мерки на претпазливост забрана да ѝ се приближува на оштетената на растојание помало од 50 метри, одземање на пасошот и забрана за издавање нов, како и обврска секој втор понеделник да се јавува во судот.
Со поднесувањето на обвинението, обвинителството сега бара определување притвор, а конечната одлука по предлогот треба да ја донесе Основниот суд во Охрид.

