БРИСЕЛ ГИ ЖРТВУВА ЕВРОПЕЈЦИТЕ ЗА УКРАИНА Орбан вели „Доста е!“
Најавите за прекин на транзитот на руски гас преку Украина, како и политиките на Европската унија за постепено напуштање на руските енергенси, според Орбан, претставуваат сериозен ризик за енергетската безбедност на Европа, особено за Унгарија.

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, денеска свика итен состанок на владата поради, како што ја нарече, „енергетската закана од Украина“. Најавите за прекин на транзитот на руски гас преку Украина, како и политиките на Европската унија за постепено напуштање на руските енергенси, според Орбан, претставуваат сериозен ризик за енергетската безбедност на Европа, особено за Унгарија.
„Брисел е подготвен да ѝ помага на Украина дури и ако тоа значи уништување на европските семејства. Планот за блокада на рускиот гас и нафта директно го загрозува секојдневието на унгарските граѓани – изјави Орбан во видео обраќање на Фејсбук.
Според проценките што ги изнесе, доколку дојде до прекин на снабдувањето, просечната сметка за струја може да порасне од 7.000 на 14.000 форинти (односно од околу 18 на 35 евра), додека сметката за гас од сегашни 16.000 форинти би можела да достигне 54.000 форинти (околу 134 евра). Првите последици, како што рече, ќе бидат видливи уште од септември.
Орбан додаде дека Унгарија ќе треба да се подготви за дополнителни трошоци во висина од 800 милијарди форинти (приближно 2 милијарди евра), доколку Украина целосно го запре протокот на гас.
Како можен одговор, унгарската влада разгледува блокирање на предложените одлуки на Европската комисија, кои би довеле до напуштање на руските енергетски ресурси. Орбан истакна дека целта на неговата влада е да ги заштити унгарските интереси и да обезбеди стабилно снабдување со енергија.
Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, претходно изјави дека Украина е еден од главните фактори што придонеле за енергетската криза во Европската унија. Тој посочи дека неколку централноевропски земји се доведени во сериозна енергетска зависност, а Србија моментално обезбедува клучен транзитен коридор за снабдување со гас.


