ЈА ПРЕТЕПАЛ ДЕВОЈКАТА ДО БЕСВЕСТ, ПА ЈА ОСТАВИЛ НА УЛИЦА Охриѓанецот доби кривична пријава, имал 1,29 промили алкохол
31-годишникот е осомничен за нанесување тешки телесни повреди на 26-годишната девојка, а судот му одредил само мерки на претпазливост. Пријавен е и таткото на девојката поради закани кон семејството на осомничениот.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против 31-годишниот К.К. од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Тешка телесна повреда“ по член 131 став 3 од Кривичниот законик, откако брутално ја нападнал својата 26-годишна девојка.
Според информациите од МВР, нападот се случил на 15 ноември, околу 2 часот по полноќ. Расправијата започнала во домот на осомничениот, а продолжила во неговиот автомобил, каде што физички ја нападнал девојката. Насилството продолжило и откако го запрел возилото, при што девојката изгубила свест и паднала.
Повредената била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во болницата „Св. Еразмо“, каде што лекарите ѝ констатирале тешки телесни повреди. Осомничениот бил лишен од слобода истиот ден во 05:05 часот и задржан во полициска станица. По барање на Основното јавно обвинителство, Основниот суд во Охрид му определил мерки на претпазливост, со што ќе се брани од слобода.
Дополнителните информации што ги соопшти портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, откриваат дека кај 31-годишникот биле измерени 1,29 промили алкохол во крвта.
„Извршено е алкотестирање на можниот сторител, поточно на лицето против кое е поднесена кривичната пријава. Кај него се констатирани 1,29 промили алкохол во крвта, по што и по овој основ против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, информираше Димоски.
Полицијата веднаш по добивањето на пријавата презела оперативни мерки, а бил формиран и посебен тим составен од полициски службеници од униформираниот состав и криминалистичката полиција. Во координација со јавен обвинител биле извршени разговори со оштетената, осомничениот и други лица кои можат да имаат сознанија за настанот. Биле прегледани и безбедносните камери за да се утврдат сите околности пред и по нападот.
Од полицијата потврдија дека возилото „БМВ“ поврзано со случајот е одземено, а најавија дека по дополнително преземените мерки ќе следуваат и други пријави по соодветни основи.
Во врска со случајот, полицијата постапувала и по пријава за закани упатени кон семејството на 31-годишникот. Според МВР, на 15 ноември во 08:50 часот, мајката на осомничениот, 51-годишната Љ.К. од Охрид, пријавила дека таткото на девојката, 49-годишниот Љ.Ѓ., преку мобилен телефон упатувал закани кон нејзиниот син и целото семејство.
Таткото на девојката бил пронајден и лишен од слобода истиот ден, во 13:20 часот, по што бил задржан во полициска станица. Против него, според информациите од МВР, ќе биде поднесен соодветен поднесок. Случајот предизвика бројни реакции и вознемиреност во јавноста, а на социјалните мрежи граѓани бараат одговорност и соодветна заштита за жртвата.
Од СВР Охрид нагласуваат дека полициските активности продолжуваат со цел целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со нападот.

