ПОЧИНА ОСНОВОПОЛОЖНИКОТ НА МАКЕДОНСКАТА ПРЕДУЧИЛИШНА ПЕДАГОГИЈА Со неговите списанија растеа генерации деца

Проф. д-р Никола Петров беше еден од најзначајните македонски педагози и научни работници, декан на Педагошкиот факултет и творец на култните детски списанија „Росица“, „Другарче“, „Развигор“ и „Наш свет“. За својот животен опус ги доби наградите „11 Октомври“, „13 Ноември“ и „Св. Климент Охридски“.

ПОЧИНА ОСНОВОПОЛОЖНИКОТ НА МАКЕДОНСКАТА ПРЕДУЧИЛИШНА ПЕДАГОГИЈА Со неговите списанија растеа генерации деца
Фото: Принтскрин

Македонската педагошка наука и образованието загубија еден од своите најзначајни претставници. На 15 ноември 2026 година беше објавена веста за смртта на проф. д-р Никола Петров, основоположник на македонската предучилишна педагогија, кој со својата долгогодишна научна, академска и творечка работа остави длабока трага во образовниот систем и детското издаваштво.

Петров важеше за еден од најзначајните македонски педагози, чиј професионален пат беше исполнет со бројни достигнувања и придонеси во развојот на педагошката наука и образованието во Македонија. Специјалистичките студии ги завршил во Русија, а докторската дисертација ја одбранил во Белград. Во текот на својата академска кариера бил раководител на Институтот за педагогија и декан на Педагошкиот факултет во Скопје, каде што активно придонесувал за развојот и афирмацијата на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ при УКИМ.

Посебно значајно место во неговото творештво зазема придонесот во македонското издаваштво за деца. Како долгогодишен соработник на „Просветно дело“ и главен уредник на педагошко научно-стручно списание, Петров бил основоположник на култното списание за најмладите „Росица“, како и на детските списанија „Другарче“, „Развигор“ и „Наш свет“.

Овие изданија со децении беа дел од детството на бројни генерации, не само како списанија за забава и читање, туку и како значаен дел од воспитувањето, образованието и развојот на детската култура. Со својата стручност и посветеност, Петров активно придонесувал за унапредување на педагошката наука. Неговите стручни анализи и ставови често беа присутни и во образовните емисии на Македонската радио-телевизија и другите медиуми.

Проф. д-р Никола Петров уживаше голем углед и во меѓународните академски кругови. Соработувал со истакнати професори и научни работници од регионот и пошироко, бил визитинг-професор и член на уредувачки одбори на научни списанија. За својот животен опус и придонес во науката, образованието и општеството ги добил највисоките државни и општествени признанија, меѓу кои наградите „11 Октомври“, „13 Ноември“ и „Св. Климент Охридски“.

Со неговото заминување Македонија губи истакнат научник, професор и педагог, но и човек чие дело остави трајна вредност во образованието и културното воспитување на најмладите. Неговото име ќе остане поврзано со развојот на македонската предучилишна педагогија и со списанијата преку кои растеа, учеа и се воспитуваа бројни генерации деца.

Петров почина на 89-годишна возраст, роден е во Колешино, Струмичко, во 1937 година.

CATEGORIES
Share This