ТИШИНА ШТО ЗБОРУВА Семејствата на жртвите во Кочани бараат правда
Маршот заврши во тишина, но таа тишина одекна далеку - како потсетник за загубените животи, како апел за правда и како сведоштво за болката што не стивнува.

Со фотографии во раце и болка во срцата, семејствата на настраданите во трагедијата од 16 март денеска организираа тивка, но силна протестна поворка низ Кочани.
„Маршот на ангелите“, како што го нарекоа овој настан, започна точно во 16 часот од Паркот на револуцијата, каде што се собраа родителите, роднините и пријателите на жртвите во пожарот во дискотеката „Пулс“, каде што животот го загубија 62 лица, а над 190 беа повредени.
Иако во тишина, маршот зборуваше многу. Пораките на транспарентите, болните изрази на лицата и насолзените погледи испратија јасна порака до институциите – правда мора да има. Една од највпечатливите пораки што ја носеа родителите гласеше: „Молк што зборува повеќе од илјада зборови. Но, нема да трае долго како вашето судење“.
Маршот продолжи кон Трговскиот центар, општинската зграда, полициската станица, Јавното обвинителство и заврши пред Основниот суд. Таму, родителите упатија заеднички повик до институциите – бараат побрза и поефикасна правда, транспарентна истрага и одговорност за трагедијата која го потресе целиот регион.
Од Јавното обвинителство денеска информираа дека обвинителите кои го водат предметот ќе почнат да ги повикуваат родителите за приклучување кон кривичниот прогон од следната недела. Сепак, од семејствата велат дека до овој момент не добиле никаква покана, но дека, доколку ја добијат, ќе се одѕват и ќе ги продолжат нивните барања за правда по институционален пат.
Маршот заврши во тишина, но таа тишина одекна далеку – како потсетник за загубените животи, како апел за правда и како сведоштво за болката што не стивнува.


