СПЕКТАКУЛАРНО ОТКРИТИЕ КАЈ ВАЛАНДОВО Откриен римски базен со мермер од осум различни видови
Откритието на локалитетот Исар–Марвинци открива нови детали за луксузот и инженерските достигнувања во римскиот период.

Монументален базен од римскиот период, со димензии поголеми од 4,5 на 2,5 метри и длабочина над 1,5 метри, е откриен при најновите археолошки истражувања на локалитетот Исар-Марвинци кај Валандово, соопшти Археолошкиот музеј. Базенот бил изграден со специјален водоотпорен малтер, врз кој била поставена мермерна облога составена од повеќе од осум различни видови мермер.
Годинашните истражувања биле насочени кон дел од комплексот на јавната градска бања од римскиот период. Досегашните сознанија укажувале на постоење простор за капење со ладна вода, но најновите откритија потврдуваат дека по 2 век од нашата ера комплексот располагал и со бања со топла вода.
Особено значајно е откривањето на добро зачуваниот систем за загревање под базенот, кој функционирал преку посебна печка и систем за циркулација на топол воздух. Од Археолошкиот музеј посочуваат дека мермерните површини биле и застаклени, што дополнително сведочи за вниманието посветено на естетскиот изглед и завршната обработка на просторот.
Овој наод овозможува непосредно проучување на техничките и инженерските решенија што биле применувани во римската бањска архитектура. Откриениот комплекс е директно поврзан и со градската цистерна, што отвора нови можности за истражување на системот за водоснабдување и инфраструктурната организација на античкиот град.
Една од најголемите вредности на откритието е исклучителната зачуваност на архитектурата. Бањскиот простор се наоѓа на длабочина од околу седум метри под денешната површина, а сочуваните конструктивни елементи овозможуваат ретка можност за проучување на римски бањски комплекс во неговиот оригинален архитектонски контекст.
Квалитетот на градбата, хидроизолацијата, разновидните мермерни облоги и сложениот систем за загревање укажуваат на значителни вложувања во јавната инфраструктура. Според Археолошкиот музеј, овие откритија дополнително го потврдуваат економското и урбаното значење на градот на Исар во римскиот период.
Археолошките истражувања откриле и траги од подоцнежните фази на користење на овој простор. Над бањскиот комплекс се регистрирани остатоци од печка, односно топилница за железо и стакло, датирана во 4–5 век, како и дел од објект за кој се претпоставува дека имал воена функција.
Овие наоди укажуваат дека во доцната антика просторот ја променил својата првобитна намена и дека делови од некогашниот јавен комплекс биле користени за други активности.

