МАКЕДОНИЈА ВЕЧЕРВА ГОСТУВА КАЈ ШКОТСКА Победа во Глазгов ја остава надежта за директен опстанок во Лига Б
Реми или пораз би значеле дека Македонија ќе мора да игра бараж против второпласирана селекција од Лига Ц.

Македонската фудбалска репрезентација вечерва од 20:45 часот гостува кај Шкотска на „Хемпден парк“ во Глазгов, во натпревар од Лигата на нации кој може да биде пресуден за опстанокот во Лига Б.
На избраниците на селекторот Гоце Седлоски им е потребна победа за да останат во трката за третото место и директен опстанок. Реми или пораз би значеле дека Македонија ќе мора да игра бараж против второпласирана селекција од Лига Ц. Натпреварот ќе го суди Словакот Михал Оченаш, а директен пренос ќе има на „Арена М1 Премиум“.
Македонија има можност да заврши на третото место со две победи, против Шкотска и Словенија, доколку Шкотите не ја победат Швајцарија во последното коло. Постои и сценарио во кое четири бода би биле доволни, но за тоа ќе биде потребна победа во Глазгов, реми со Словенија и пораз на Шкотска од Швајцарија.
Седлоски во составот го врати Дарко Чурлинов, како и Никола Серафимов, Имран Фетаи и Стефан Деспотовски. Бојан Миовски е изоставен поради малата минутажа во својот клуб.
Шкотска ќе биде посилна и за Скот Мектоминеј, кој ги пропушти првите четири кола. Во првата меѓусебна пресметка во Скопје, Шкотите славеа со 2:0, а вечерва Македонија ќе се обиде да го поправи впечатокот и да остане во игра за директен опстанок.

