ГЛОБАЛЕН ПРЕКИН НА MICROSOFT Откажани трансакции, одложени резултати и нарушено работење на владините служби во повеќе земји во светот
Microsoft утврдил дека голем број сервери неочекувано престанале да бидат достапни, што предизвикало преоптоварување на преостанатата инфраструктура.

Глобалниот прекин на услугите на Microsoft предизвика сериозни нарушувања во работењето на компании и институции на неколку континенти, покажувајќи колку светската економија зависи од дигиталната инфраструктура на една технолошка компанија.
Во Тајван, проблемите ги погодија финансиските институции, а една компанија морала да откаже веќе закажана трансакција за реоткуп на обврзници. Во САД, производителот на електрични камиони Workhorse Group го одложил објавувањето на финансиските резултати за четири дена поради нарушувањата предизвикани од прекинот.
Проблеми биле регистрирани и во Австралија, каде што биле погодени системи на полицијата, разузнавачките служби, училиштата, судовите и здравствените установи. Во Индија, нарушувања пријавиле авиокомпаниите IndiGo и Akasa Air, а проблеми со поврзувањето со Microsoft 365 имале и услугите на OpenAI и Anthropic.
Според платформата Downdetector, во САД биле забележани повеќе од 130.000 пријави за проблеми со Outlook, додека поплаки пристигнувале од 74 земји и територии.
Microsoft утврдил дека голем број сервери неочекувано престанале да бидат достапни, што предизвикало преоптоварување на преостанатата инфраструктура. Компанијата започнала со пренасочување на сообраќајот и зголемување на капацитетите, но дел од серверите повторно станувале недостапни при зголемено оптоварување.
Најмногу биле погодени Outlook и Exchange Online, а проблеми имало и кај одредени функции на Teams, Copilot, Microsoft Defender и SharePoint. Microsoft соопшти дека нема индиции за злонамерна активност, но точната причина за дефектот сè уште се утврдува.
Ова е трет посериозен инцидент со услугите на компанијата годинава, по проблемите со Microsoft 365 во јануари и облачната платформа Azure во октомври. Повторените прекини отвораат прашања за зависноста на компаниите и институциите од еден технолошки провајдер.
Вкупната финансиска штета засега не е проценета, но последиците покажуваат дека дури и неколку часа недостапност на дигиталните системи можат да предизвикаат сериозни нарушувања во глобалното деловно работење.

