МАКЕДОНИЈА ВО ЧЕСТ НА СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ Сиљановска предводи македонска делегација во Ватикан
Во рамки на официјалната посета на Италија, претседателката Сиљановска-Давкова ќе одржи и билатерална средба со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.

Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска ја започнува својата официјална посета на Италијанската Република и Светата Столица, каде ќе ја предводи македонската државно-црковна делегација по повод традиционалната манифестација „Македонија во чест на Св. Кирил“.
Посетата ќе започне со присуство на молебен во чест на Св. Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим. Утрешниот ден е резервиран за посета на базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде што претседателката ќе положи венец на спомен-плочата на македонски јазик, поставена во чест на мисионерската дејност на светите браќа Кирил и Методиј. Претседателката ќе го посети и гробот на папата Франциско.
Во рамки на манифестацијата, вечерта е предвидено и присуство на концертот „Македонисимо“ на пијанистот Симон Трпчески, кој се одржува во организација на Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Клучен момент од посетата ќе биде во понеделник, кога претседателката Сиљановска-Давкова ќе има аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав IV, во Апостолската палата. Истиот ден е предвидена и средба со државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин.
Во рамки на официјалната посета на Италија, претседателката Сиљановска-Давкова ќе одржи и билатерална средба со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.
Во делегацијата што ја предводи претседателката се и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија Елена Кузмановска-Биондиќ, како и митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф.


