ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА Нема опасност за државните пари поради Алта банка – буџетските корисници немаат депозити таму
Министерството за финансии немало никакво учество во преземањето и продажбата на банката, ниту дало согласност за трансакцијата, порача министерката на надзорната расправа во Собранието. Надзорот и супервизијата се во надлежност на Народната банка.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска уверува дека случајот со Алта банка – Битола не претставува никаква закана за финансиската стабилност на државата и дека нема ризик од губење државни средства. Одговарајќи на пратеничките прашања на надзорната расправа пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, таа појасни дека буџетските корисници немаат ниту средства ниту депозити во Алта банка.
„Состојбата е стабилна и нема никаков ризик од каква било финансиска нестабилност во државата поради случајот со Алта банка – Битола. Буџетските корисници имаат сметки во трезорот, а единствените трансакции што се прават од Министерството за финансии кон сите банки, не само кон Алта банка, се провизиите што се плаќаат кога се исплаќаат пензиите“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Таа нагласи дека Министерството за финансии не гледа ризик од пропаѓање на какви било средства, бидејќи државните буџетски корисници во оваа банка немаат депонирани пари. Министерката повторно потенцираше дека мора јасно да се разграничат надлежностите на институциите во случајот со преземањето на Алта банка. Според неа, Министерството за финансии немало никакво учество во постапката за преземање, односно купување на банката, ниту пак дало согласност за нејзината продажба.
„Немаме никаква надлежност во целата постапка за продажба, а супервизија и надзор врши Народната банка“, децидна беше министерката.
Димитриеска-Кочоска потврди дека Алта банка официјално влегла на македонскиот пазар на 1 септември, кога добила можност да купува хартии од вредност. Воедно, појасни дека изјавата на премиерот за време на надзорната расправа, на која се осврнаа пратениците, се однесувала на купувањето на Алта банка во Србија, а не на трансакцијата во Македонија.

