МАКЕДОНИЈА ОТВОРИ ПРВА РЕЗИДЕНТНА АМБАСАДА ВО ЛИТВАНИЈА Муцунски од Вилнус испрати порака за евроинтеграциите

Муцунски се заблагодари за литванската поддршка на европскиот пат, но и за помошта по трагедијата во Кочани, кога најтешко повредени пациенти беа лекувани во Литванија.

МАКЕДОНИЈА ОТВОРИ ПРВА РЕЗИДЕНТНА АМБАСАДА ВО ЛИТВАНИЈА Муцунски од Вилнус испрати порака за евроинтеграциите
Фото: Принтскрин

Македонија направи нов дипломатски чекор во зајакнувањето на односите со балтичките држави. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска официјално ја отвори првата резидентна македонска амбасада во литванската престолнина Вилнус.

Отворањето на амбасадата беше централниот настан на работната посета на Муцунски на Литванија, во чии рамки тој оствари и билатерална средба со литванскиот министер за надворешни работи Кештудис Будрис.

На разговорите, како што информираат од Министерството за надворешни работи, во фокусот биле унапредувањето на политичкиот дијалог, економската соработка, евроинтегративниот процес, актуелните безбедносни предизвици и соработката во рамките на евроатлантското сојузништво.

Посебно внимание било посветено на европската интеграција на Македонија, надминувањето на пречките и забрзувањето на пристапниот процес.

Муцунски изразил благодарност за континуираната и принципиелна поддршка што Литванија ѝ ја дава на Македонија во остварувањето на стратешката цел – полноправно членство во Европската Унија.

Тој ја потврдил посветеноста на Владата на спроведувањето на реформската агенда, како и подготвеноста за конструктивен пристап во изнаоѓањето заемно прифатливо решение во билатералниот дијалог со источниот сосед, засновано врз европските вредности и принципи.

Муцунски: Македонскиот народ нема да ја заборави помошта од Литванија

На свеченото отворање на амбасадата, Муцунски истакнал дека Македонија и Литванија повеќе од три децении градат пријателски односи засновани на меѓусебна почит, доверба и заеднички вредности.

Посебно се заблагодарил за солидарноста и помошта на Литванија по трагичниот пожар во Кочани, кога четворица од најтешко повредените пациенти биле примени на лекување во Вилнус и Каунас.

„Македонскиот народ нема да го заборави тоа. Семејствата во Кочани нема да го заборават тоа. И јас нема да го заборавам тоа“, истакнал Муцунски.

Според него, воспоставувањето постојано дипломатско присуство во Вилнус ќе отвори нови можности за продлабочување на соработката во повеќе области, меѓу кои економијата, образованието, културата и технологијата.

Тој посочил дека постојат потенцијали за зголемување на трговската размена и инвестициите, поврзување на студентите, академските заедници и уметниците, како и за заеднички проекти во областа на иновациите и дигиталната трансформација.

„Оваа амбасада ќе биде мост меѓу Скопје и Вилнус, меѓу нашите институции и бизнис-заедници, и меѓу нашите граѓани“, порачал шефот на македонската дипломатија.

Тој додал дека двете дипломатски мисии ќе создадат посилна основа за политички дијалог, институционална соработка и нови можности што треба да донесат конкретни придобивки за граѓаните на двете држави.

CATEGORIES
Share This