АМСМ ПРЕДУПРЕДУВА Влажни коловози и опасност од одрони – внимавајте на овие патни делници
На граничните премини нема подолги задржувања, а патот преку Галичица е отворен за возила до 3,5 тони.

Сообраќајот на државните патишта во Македонија се одвива непречено, но поради претежно влажните коловози, од АМСМ апелираат до возачите да бидат внимателни и да ја приспособат брзината на движење кон условите на патот. Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, додека на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Посебна претпазливост се препорачува при движење низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои можност за појава на одрони. Од АМСМ посочуваат дека зголемено внимание е потребно особено на следните делници: Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево
Возачите се советуваат да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и внимателно да управуваат со возилата.
Од 15 април, патниот правец Охрид – Ресен, преку Националниот парк Галичица, е отворен за сообраќај за сите видови возила со маса до 3,5 тони.

