82 ГОДИНИ ТЕАТАРСКА ИСТОРИЈА Битола слави со Шекспир, светски театри и премиера на „Кориолан“
ародниот театар – Битола го одбележува својот 82. роденден со отворањето на 12. издание на Битола Шекспир фестивалот.

Народниот театар – Битола, најстарата театарска институција во Македонија, на 14 ноември одбележува 82 години од своето основање. Повеќе од осум децении оваа национална установа е еден од столбовите на македонската култура, со богата театарска историја, илјадници претстави и генерации уметници кои оставиле траен белег на домашната и меѓународната сцена.
Годинашниот роденден ќе биде одбележан со посебна уметничка програма, која на јубилејот му дава и меѓународна димензија.
Токму на 14 ноември започнува 12. издание на Битола Шекспир фестивалот, меѓународна театарска манифестација која и годинава ќе собере театри, продукции и уметници од Италија, САД, Ерменија, Романија, Грузија и Малта.
Посебен белег на годинашното издание му дава официјалниот фестивалски плакат, чиј автор е познатиот македонски илустратор Михајло Димитриевски – Тхе Мичо. Неговиот препознатлив уметнички ракопис го збогатува визуелниот идентитет на фестивалот.
Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел.
Оваа продукција веќе има остварено три меѓународни гостувања, покрај премиерното претставување на фестивалот „Охридско лето“. Со своите настапи надвор од земјата, претставата го афирмираше Народниот театар – Битола и македонската театарска уметност на меѓународната сцена.
Особено симболично е што токму на роденденот на институцијата, по меѓународните гостувања, „Кориолан“ ќе ја доживее својата премиера на матичната сцена, пред битолската публика.
Во центарот на „Кориолан“ се амбицијата, политичката моќ, гордоста и сложениот однос меѓу поединецот и народот.
Преку трагедија напишана пред повеќе од четири века, Шекспир отвора прашања кои и денес се исклучително актуелни – власта, политичката манипулација, вистината и човечката гордост.
Станува збор за приказна која ја отсликува човечката природа и општествените односи, потсетувајќи дека и покрај историските промени, многу од човечките слабости и политичките борби остануваат исти.
Со 82 години театарска традиција и ново меѓународно издание на Шекспир фестивалот, Народниот театар – Битола продолжува да ја потврдува својата улога како значаен чувар и афирматор на македонската култура.

