ПАЛМЕР СО ДИРЕКТНА ПОРАКА ДО ЕУ: МАКЕДОНИЈА ИСПОЛНИ СÈ, БУГАРИЈА ЈА БЛОКИРА – Ова е лош преседан за целиот регион
Поранешниот специјален претставник на САД за Западен Балкан предупредува дека бугарската блокада ги обесхрабрува и другите кандидати за членство.

Поранешниот специјален претставник на САД за Западен Балкан, Метју Палмер, упати остри критики за бугарската блокада на европскиот пат на Македонија, оценувајќи дека земјата исполнила сè што Европската унија побарала од неа за напредок кон членството, но и дека ваквиот пристап создава опасен преседан за целиот регион.
Во интервју за МРТ, Палмер порача дека билатералните спорови не смеат да го попречуваат пристапниот процес и дека Европската унија мора да преземе поактивна улога за да се надмине блокадата.
„Она што можам да го кажам е дека Македонија направи сè што Европската унија побара од неа за да напредува кон членството. Сметам дека е крајно жално што Бугарија е во позиција да го блокира тој процес за Скопје. Тоа создава лош преседан за регионот“, изјави Палмер.
Тој предупреди дека последиците од ваквата политика не се ограничени само на Македонија. Напротив, искуството на Скопје внимателно го следат и другите земји кандидати, кои се прашуваат дали и самите во иднина ќе се соочат со дополнителни билатерални условувања.
„Белград го следи искуството на Скопје и се прашува што би можеле да побараат Загреб или Букурешт во пристапниот процес. Тоа ги обесхрабрува земјите кандидати да ги спроведат неопходните реформи“, предупреди американскиот дипломат.
Палмер изрази надеж дека Софија ќе покаже воздржаност, а Европската унија ќе заземе појасна позиција дека билатералните прашања не треба да станат пречка за процесот на проширување.
Осврнувајќи се на можноста за американско посредување, тој потсети дека и самиот бил директно вклучен во претходните дипломатски обиди за надминување на блокадата, кога бугарските барања почнаа да го попречуваат европскиот пат на Македонија.
„Направивме сè што можевме за да ја отстраниме блокадата. Тоа не е едноставен процес, но верувам дека Софија на крајот ќе сфати дека во интерес на Бугарија е Македонија да биде нејзин европски партнер“, рече Палмер.
Тој очекува САД да продолжат да ги поддржуваат двете страни, но нагласи дека клучната одговорност за зачувување на кредибилитетот на проширувањето ја имаат и европските институции и највлијателните земји членки. Според него, напредокот на земјите кандидати треба да се оценува врз основа на спроведените реформи, а не да биде условуван со историски и идентитетски прашања.
Во тој контекст, Палмер посебно ги посочи Франција, Германија и Италија како држави кои треба да преземат проактивна улога.
„Затоа клучните земји членки мора да помогнат процесот да биде праведен, транспарентен и во интерес на сите засегнати страни. Тука мислам на Франција, Германија и Италија, кои треба да преземаат проактивна улога и да го заштитат интегритетот на процесот“, порача тој.
Палмер не понуди конкретен модел за надминување на спорот меѓу Скопје и Софија, но оцени дека постојат повеќе можни пристапи и простор за креативна дипломатија. Таков ангажман, според него, треба да покажат двете земји, Брисел, клучните европски престолнини и Вашингтон.

