ВОЗЕЛЕ БЕЗ ДОЗВОЛА, ПИЈАНИ И СО НЕРЕГИСТРИРАНИ АВТОМОБИЛИ 17 лица уапсени низ Македонија
Полицијата открила 19 кривични дела за едно деноноќие. Најшокантен е случајот со возач од Битола кај кого биле измерени неверојатни 3,23 промили алкохол во крвта.

МВР спровело полициски контроли низ државата во изминатото деноноќие. Дури 11 лица возеле без положен возачки испит или без стекнато право на управување, а шестмина биле фатени под дејство на алкохол.
Во текот на изминатото деноноќие, на територијата на целата држава, полицијата открила 19 кривични дела „безобѕирно управување со моторно возило“. Притоа, 17 лица биле лишени од слобода, додека со едно лице бил извршен службен разговор, информира Министерството за внатрешни работи. Од лицата опфатени со полициските постапки, дури 11 управувале возило без положен возачки испит или без да се стекнат со право на управување.
Меѓу нив се Ф.М. (27) од село Романовце, Кумановско, А.Ш. (20) од село Доброште, малолетник од село Горно Седларце, 16-годишник од село Здуње кој управувал мопед, А.А. (35) од село Градец, М.П. (42) од Скопје, како и Д.М. (19), А.С. (20), Е.Е. (25) и А.С. (30), сите од Скопје.
Во случајот со И.В. (25) од Кавадарци бил извршен службен разговор.
Особено загрижувачки се шесте случаи во кои возачите управувале моторно возило под дејство на алкохол. Највисока концентрација била измерена кај Х.Ј. (29) од Битола, кај кого биле утврдени дури 3,23 промили алкохол во крвта.
Кај останатите возачи биле измерени следните концентрации: Х.П. (28) од Охрид – 1,68 промили; З.Н. (55) од Македонски Брод – 1,74 промили; И.С. (40) од Скопје – 2,20 промили; Б.М. (35) од село Нивичани, Кочанско – 2,03 промили; Е.П.Е. (63) од Струмица – 1,55 промили.
МВР евидентирало и дополнителни случаи на сериозно кршење на сообраќајните прописи. Б.П. (20) од Битола учествувал во сообраќајна незгода со материјална штета, управувајќи патничко возило „шкода“ без регистарски ознаки и без да поседува возачка дозвола. Во друг случај, Б.П. (29) од Скопје управувал возило без стекнато право на управување, а притоа сообраќајната дозвола била со изминат рок на важност. Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Министерството за внатрешни работи упати апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, да не управуваат возила без положен возачки испит и стекнато право на управување, како и никогаш да не седнуваат зад волан под дејство на алкохол. Посебен апел е упатен и до родителите и старателите да не им дозволуваат на малолетни лица да управуваат моторни возила пред да ги исполнат законските услови.
Од МВР порачуваат дека само со одговорно однесување и почитување на сообраќајните прописи може да се придонесе за побезбеден сообраќај и заштита на човечките животи.

