ЈАЛТА 2 ЈА ПЛАШИ УКРАИНА Трамп, Путин и Си може да ја кројат иднината на светот без Европа

Повеќе од 80 години по тајниот договор во Јалта, кој ја промени повоената карта на светот без учество на Кина, се отвора можност за нова средба на лидерите на трите најголеми нуклеарни сили.

ЈАЛТА 2 ЈА ПЛАШИ УКРАИНА Трамп, Путин и Си може да ја кројат иднината на светот без Европа
Фото: Принтскрин

Можноста за трипартитна средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг предизвикува сериозни геополитички реакции, а во Украина се будат стравувања од сценарио налик на историската конференција во Јалта од 1945 година.

Според анализа на „Њујорк тајмс“, Пекинг ја разгледува можноста да биде домаќин на средба на тројцата лидери, евентуално на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (APEC), кој треба да се одржи во кинескиот град Шенжен.

Таквата средба би имала огромна симболична и политичка тежина. За Кина, тоа би било потврда дека се наметнува како глобална сила рамноправна со САД и Русија. Но, истовремено, постои и историски парадокс: Пекинг би можел да се најде во позиција на една од трите големи сили кои разговараат за светскиот поредок, токму онаква каква што Кина со децении ја критикува.

Во февруари 1945 година, лидерите на САД, Советскиот Сојуз и Велика Британија се состанале во Јалта, на Крим, каде што постигнале таен договор за повоениот поредок и советското вклучување во војната против Јапонија. Во замена за советското учество во војната, на Москва ѝ биле ветени посебни права и привилегии во Кина, без кинеската влада воопшто да учествува во преговорите.

Кинеската националистичка влада била принудена да се откаже од своите претензии кон територијата на денешна Монголија и да прифати посебни советски поморски, транспортни и трговски права во Манџурија.

„Сè беше договорено зад грбот на Кина и на штета на кинеските интереси“, коментирал Син Кианг, експерт за односите меѓу САД и Кина на Универзитетот Фудан во Шангај.

Токму ова историско искуство е причината поради која евентуалната нова средба на големите сили предизвикува чувствителни реакции во Пекинг.

Најголемата загриженост околу можната средба доаѓа од Украина. Киев стравува дека Путин би можел да се обиде да постигне договор со Трамп за завршување на војната и идниот статус на Украина, без украинското раководство да биде дел од преговорите. Украинскиот претседател Володимир Зеленски отворено ја изрази својата загриженост.

„Навистина не сакам да се случи ‘Јалта 2, 3, 4’, односно нова поделба на сферите на влијание“, изјави Зеленски минатата недела, според украинската новинска агенција „Укринформ“.

Со ова Киев испраќа јасна порака дека нема да прифати големите сили да одлучуваат за украинската иднина без учество на Украина.

Иако Кремљ ја претстави можноста за трипартитна средба, Пекинг е внимателен околу нејзината политичка цел и можните последици. Кина официјално се залага за мировни преговори во кои ќе учествуваат Украина и европските држави. Затоа, евентуален договор меѓу Трамп и Путин за Украина, постигнат на кинеска територија без присуство на Киев и Европа, би бил во спротивност со досегашните позиции на Пекинг.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, по посетата на Кина, изјавил дека Си Џинпинг не верува оти САД, Русија и Кина ќе разговараат за судбината на Украина на претстојната средба.

„Можеше да се види вознемиреноста на неговото лице. Дури и праша од каде доаѓаат таквите гласини“, изјавил Штајнмаер, додавајќи дека Си нагласил оти станува збор за европски конфликт и дека Европејците мора да седнат на преговарачката маса.

Кина во средата потврдила дека разговара со САД и Русија за можноста за средба на тројцата претседатели, но засега нема конечна потврда дека таа ќе се одржи.

Покрај Украина, уште една важна тема што Трамп сака да ја отвори е контролата на нуклеарното оружје. Американскиот претседател изјавил дека би сакал на средбата со Путин и Си да разговара за денуклеаризација. Но, токму ова прашање може да биде една од најголемите пречки за договор.

Според податоците на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (SIPRI), Кина располага со околу 620 нуклеарни боеви глави, наспроти повеќе од 5.000 кај САД и Русија. Пекинг смета дека Вашингтон и Москва, како држави со најголеми нуклеарни арсенали, треба да ја понесат главната одговорност за разоружувањето.

Кинеската портпаролка на Министерството за надворешни работи, Мао Нинг, претходно оценила дека барањето Кина да учествува во разговорите за нуклеарно разоружување би било „неправедно, неразумно и нереално“. Сепак, кинеските експерти не ја исклучуваат можноста за разговори за потесни безбедносни прашања, како подобрување на комуникацијата меѓу нуклеарните сили во време на криза и спречување ненамерна ескалација.

Особено внимание се посветува на потребата од човечки надзор при одлучувањето за употреба на нуклеарно оружје, дури и во услови на сè поголема употреба на вештачката интелигенција.

И покрај резервите, аналитичарите сметаат дека Пекинг тешко би ги одбил Трамп и Путин доколку тие инсистираат на средба. Поранешниот американски дипломат и советник за национална безбедност Рајан Хас, кој неодамна престојувал во Пекинг, оценува дека Кина сака да ја искористи историската можност, но истовремено избегнува да преземе одговорност за исходот.

„Како по правило, Си избегнува да преземе одговорност за високопрофилни дипломатски настани чиј исход е неизвесен“, оценил Хас.

Дополнителен проблем за Кина е нејзината позиција во однос на војната во Украина. Западните држави сметаат дека Пекинг има значително влијание врз Москва, бидејќи Русија станала економски и дипломатски зависна од Кина.

НАТО во 2024 година ја обвини Кина дека е „клучен овозможувач на војната на Русија против Украина“, повикувајќи ја да ги прекине испораките на компоненти и технологии кои можат да се користат за обновување на руските воени капацитети.

Пекинг, од друга страна, тврди дека не е страна во конфликтот и дека не обезбедува воена поддршка за ниту една од завојуваните страни. Кинеските аналитичари сметаат дека доколку средбата се одржи, Кина би можела да се претстави само како домаќин и посредник во дијалогот, без да преземе обврска за постигнување конкретен договор.

Евентуалната средба на Трамп, Путин и Си би била многу повеќе од дипломатски настан. Самата фотографија на тројцата лидери на иста маса би испратила порака за новата распределба на глобалната моќ. Историчарот Јозеф Ториѓан од Американскиот универзитет во Вашингтон предупредува дека таквата слика би можела да отвори прашања дали трите големи сили се обидуваат да воспостават модел на заедничко управување со светот, во кој интересите на помалите држави би останале во втор план.

Токму тоа е најголемиот парадокс на можната средба: Кина, која историски го осудува договорот од Јалта затоа што големите сили одлучувале за нејзината судбина без нејзино учество, денес би можела да стане дел од тројката што ја симболизира глобалната моќ.

Дали Шенжен ќе стане место на нов историски договор или само сцена за дипломатско надмудрување меѓу трите најмоќни лидери, засега останува неизвесно.

CATEGORIES
TAGS
Share This